Почина Џорџ Мајкл
Легендарниот пејач Џорџ Мајкл почина на 53-годишна возраст, пренесе „Би-би-си“.
Како што наведе агентот на славниот музичар, Мајкл починал „мирно во својот дом“, не наведувајќи ја причината за смртта.
„Со голема тага и болка потврдуваме дека нашиот сакан син, брат и пријател Џорџ почина во својот дом во текот на божикните празници. Во овој тежок момент, на семејството му е најважно да ја сочува приватноста, кое нема во овој момент повеќе да дава изјави на оваа тема“, стои во изјавата којашто ја објави агентот на пејачот.
Тој во 2011 година страдаше од напад на бронохопневмонија која речиси беше фатална за него. По добиениот третман во болницата во Виена во 2011 година, тој излезе пред својот дом во Лондон и со солзи во очите изјави дека бил на работ на смртта.
Георгис Киријакос Панајтоу, попознат како Џорџ Мајкл роден во Лондон 1963 година, беше британски музичар, композитор, а во текот на кариерата долга повеќе од 30 години освои две награди „Греми“.
Кариерата ја почна на 18 години во дуетот „Вем!“ со Ендрју Риджли, која во текот на 80-тите имаше голем хит „Wake Me up Before You Go Go“. По распаѓањето на бендот, Мајкл започна успешна кариера, а неговиот прв албум „Faith“ (1987) како соло уметник е продаден во повеќе од 20 милиони примероци, а со неговото издавање стана една од најголемите музички икони. Во наредната деценија издаде уште четири албуми, но само два со целосно оригинални материјал – популарниот Listen Without Prejudice Vol 1. (1990) и Older (1996), за во 21. век со албумот „Patience“ (2004) да порача дека тоа му е последно студиско дело.
Британскиот поп-пејач засекогаш ќе остане запаметен по бројните хитови како „Careless Whisper“, „Freedom“, „Too Funky“ „Father figure“,„Fast love“, „Jesus To A Child“, но и по спотовите коишто ги снимаше со најуспешните топ-модели на денешницата.
Две години пред смртта го објави албумот „Symphonica“ на кој главно се снимки од свирките во живо од неговата голема истоимена турнеја. Џорџ Мајкл не го одбележа крајот на минатиот век само со својата музика, фантастичниот глас и провокативните спотови со најпознатите манекенки, туку и со контроверзното однесување во времињата поконзервативни отколку што се денес.
Иако со години се шпекулираше за неговата сексуалност, дека е геј, јавноста дефинитивно дозна во 1998 година кога беше уапсен поради непристојно однесување во јавниот тоалет во паркот на Беверли Хилс. По апсењето објави дека е хомосексуалец, а иако за тоа подоцна отворено зборуваше, изјави дека тоа не му годело многу.
– Од некоја чудна причина, мојот хомосексуален живот не беше полесен потоа, туку спротивно – рекол Мајкл за „Би-би-си“.
Познато е дека беше во долгогодишна врска со Кени Гос, но се разидоа во 2009 година по речиси 25 години заеднички живот. Мајкл призна дека во текот на врската практикувал „анонимен секс“ со комплетни туѓинци, поради што немал проблеми со Гос, но имал со полицијата.
Сексот не е единствената причина поради која Мајкл завршувал со лисици на рацете – 2006. и 2008 година беше уапсен поради поседување наркотици, а тогаш соопшти дека сака да се повлече од јавноста и да „живее помирен живот“.
Отворено зборуваше за проблемите со прекумерното консумирање марихуана, а имаше проблеми и со законот поради возење под дејство на алкохол и наркотици.
Смртта на Џорџ Мајкл е уште една во низата на заминувањето на културните икони, а веста за неговата смрт е објавена во периодот кога сега веќе со децении се одбележуваше и неговата песна „Last Christmas“, која зборува за несреќната, минатогодишна љубов.
Џорџ Мајкл призна дека бил во пеколот на дрогата. Пејачот беше и осуден поради возење под влијание на канабис, поради што четири недели помина во затвор.
– Знам дека заслужив да бидам таму. Бев воодушевен од љубовта и поддршката што ми ги покажуваа фановите. Се испостави дека е полесно отколку што очекував – рекол Џорџ тогаш признавајќи дека бил свесен за опасноста во којашто се нашол.
„Дрогата речиси ме уби. Но, под свесното ниво, беше многу застрашувачки и никогаш нема да се чувствувам сосема безбедно во животот – раскажал легендарниот пејач.