Сонував вечерва дека те немам !

Објавено на 9 април, 2017 во 22:42

На концертот на „Бело дугме“ во арената Борис Трајковски се случи токму она што на прес-конференцијата пред концертот го најавија двајцата пејачи од овој бенд Ален Исламовиќ и Младен Војичиќ-Тифа – спектакуларен концерт како оној што се одржа и во преполната „белоградска“ Арена.

Пред десетилјадна публика од сите генерации „Бело дугме“, „шефот“ Горан Бреговиќ и Оркестарот за свадби и погреби ги отсвиреа најголемите хитови на овој бенд, а публиката ги пееше текстовите како да не поминале неколку децении од времето кога тие беа слушани на плочи и касети во сите поранешни југословенски републики.

Концертот го почнаа со песната „Плукни и запеј моја Југославијо“, што кај некои од постарите генерации во вип зоната видовме дека предизвика дури и солзи (?!) Меѓутоа, интересно беше да се види дека покрај нив и децата од генерациите кои не биле ни родени кога „Бело дугме“ постоеја во бивша Југославија, ги пееја хитовите на најголемиот рок-бенд во поранешната федерација. Сон за нешто што веќе го нема. Сега е тренд тоа да се нарекува „југоносталгија“.

Пред полноќ и по три часа беспрекорен звучен ѕид од масовен рок-лименодувачки бенд и распеани грла во публиката никому не му се одеше, па и музичарите како едвај да чекаа да ги викаат на бис – се враќаа на сцената уште два пати за сите заедно да се допеат и да се доиграат.

Овој концерт беше одлична забава, која ја организираа Авалон продукција.

Извор: Плусинфо

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.