На денешен ден ќе го прославуваше својот 40-ти роденден, вечна ти слава Тоше!
25.01.2021
25 јануари 1981 година, е денот кога е роден нашиот ангел. Денот кога сите заедно пеат негови песни, тажат по тоа што е изгубено и не веруваат дека повеќе го нема. Човекот со најголемо срце, човекот кој мислеше добро за секој поединец. Најголемиот хуманитарец, еден и единствен Тоше Проески.
На денешен ден ќе го прославуваше 40-от роденден, светот заедно со него ќе беше многу подобро место за живеење. Можеби сите ќе не научеше да го цениме тоа што го имаме, да делиме љубов и среќа, да ги почитуваме сите ситници и да си го сакаме животот каков што е.
Нашата музичка ѕвезда Тоше, својата музичка кариера ја започнал со настапот на „Мелфест“ во 1997 година. Патот кон ѕвездите му го отвориле двете песни „Пушти ме“ и „Остани до крај“. Тој неколку пати беше и претставник на Република Македонија за песна на Евровизија. Во 2004 година, во Истанбул, Република Турција го освои 14-то место на Евровизија. Истата година, беше прогласен и за Амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. Поради тој момент ја издаде песната „За овој свет“.
Во текот на својата кариера има издадено и неколку албуми со песни, првиот албум со име „Синот Божји“ во 2000-та година, „Некаде во ноќта“ во 2001 година, потоа „Ако ме погледнеш во очи“ во 2003 година, „Ден за нас“ во 2004, „По тебе“ 2005 година, „Божилак“ во 2006 година и “Игри без граници“ во 2007.
Сите песни од албумот „По тебе“ неколку месеци се наоѓаа на највисоките места на музичките топ листи како во Македонија така и во Хрватска, Србија, Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина.
Својот последен концерт го одржа на петти октомври, на Градски стадион во Скопје. И овој концерт од хуманитарен аспект и наменет за обнова на сите основни училишта во земјава.
Тоше Проески загина на 16 октомври, 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска. Владата на Република Македонија го прогласи за заслужен граѓанин на државата, во негова чест во неговиот роден град Крушево е изграден и меморијален центар што го носи неговото име, од отворањето во 2011 година, оваа музејска установа имала повеќе од 650 000 посетители од кои, според раководството, една третина се од странство, пред сè од балканските земји.
Сепак сите ние знаеме дека нашиот ангел Тоше има само датум на раѓање, и сè уште живее во сите нас.
Во негова чест, уживајте во „Игри без граници“..
https://www.youtube.com/watch?v=ELnt5HE7bWM
Стефани Манева
#ТошеПроески #НашиотАнгел #40роденден #Непреболен #ИгриБезГраници
