Најстарата желка на светот наполни 190 години
Бавна прошетка по тревникот, студена бања и дремка под дрво се вообичаените дневни активности на Џонатан, најстарата желка на светот. Тој штотуку наполни (најмалку) 190 години и сѐ уште не се откажува, пишува „Индекс“.
Џонатан живее во градината на резиденцијата на гурвернерот на островот Света Елена во Атлантскиот Океан, кој е дел од британската територија Света Елена, Вознесение и Тристан да Куња. Тој е саканиот симбол на островот и неговиот лик се наоѓа на неговите монети и поштенски марки.
За време на неговиот живот, во Велика Британија се сменија осум монарски, а во САД – четириесет претседатели.
„Џонатан е симбол на опстанок и упорност. Иако тој не го знае тоа, за време на неговиот живот империите се зголемуваа и намалуваа, болестите доаѓаа и поминуваа, војните започнуваа и завршуваа“, вели неговиот ветеринар Џо Холинс.
Џонататан, веројатно, е роден во 1832 година, а на островот Света Елена пристигнал кога бил на 50-годишна возраст.
Тој бил подарок за Вилијам Греј-Вилсон, кој бил гувернер на островот од 1890 до 1897 година. Оттогаш се смениле повеќе од 30 гувернери, а Џонатан сè уште живее во раскошната градина на резиденција.
Според Гинисовата книга на рекорди, Џонатан е стар околу 190 години. Тој бил опишан како „возрасно животно“ во едно писмо кое датира од годината кога Џонатан пристигнал на островот. Тоа го потврдува и една фотографија која била направена во периодот помеѓу 1882 и 1886 година, а на која неговиот оклоп има димензии кои одговараат на 50-годишна желка.
Во градината, Џонатан се дружи со уште три џиновски желки – Дејвид, Фред и Ема. Ветеринарот Холинс вели дека парењето со Ема му била омилена активност на Џонатан во минатото, но дека со текот на годините станал „бавен постар господин“, кој си ја гледа својата работа.
Ветеринарот Холинс се грижи за Џонатан, кој е тежок 180 килограми, и внимава на неговата исхрана, која вклучува краставици, зелена салата, моркови, јаболка и банани.
Со оглед на неговата возраст, Џонатан е слеп и го изгубил сетилото за мирис. Но, секогаш кога ќе чуе дека му дошле посетители, тој им приоѓа и им дозволува да го погалат.