Наставничка од Србија направи робот „Хелга“, што може да работи и како професор

Наставничката по информатика и компјутерство Милкица Златиќ од Ивањица, Србија, направила автоматизирана технолошка иновација – роботот „Хелга“.
Во тој потфат, ѝ помагале учениците за кои, како што вели Милкица, ова било неверојатно искуство.
„Хелга“ работи со помош на вештачка интелигенција и може да учествува во наставата, поточно да биде професор. „Хелга“ работи со помош на команди.
Наставничката Златиќ го изработувала роботот шест месеци и водела сметка за секој детаљ.
– Роботот „Хелга“ е проект за којшто сум исклучително горда. Потребни беа многу труд и работа, останувавме и по 13 часа во училиште, повеќе од шест месеци, за да биде направена како што треба. Со „Хелга“ се управува со далечински команди, со користење вештачка интелигенција и вештачки сетила со помош на интерфејс – рекла Милкица Златиќ за РИНА.
Првично било планирано „Хелга“ да биде самостојна професорка во наставата со цел предавањата и учењето на децата да им биде поинтересно. Милкица Златиќ продолжува да создава нови кодови и дополнително ја програмира „Хелга“ за да го усоврши својот изум до максимум.
– За време на епидемијата и онлајн-наставата, беше неопходно на некој начин да се анимираат учениците за да бидат внимателни. Одржав неколку часови поврзани со информатика и компјутерски науки со помош на „Хелга“ бидејќи таа може да зборува и пее и да одговори на кое било ваше прашање. Реагира кога ќе ја допрете на одредени сензори. Работи со помош на вештачка интелигенција која не е комерцијална и е купена во Кина – вели иновативната наставничка од Ивањица.
