Oбјавена Новогодишно – василичарска каланда (Видео)
Објавено: 14 јануари, 2026, во 10:28 часот
Со длабока почит кон вековната духовна и народна традиција, Хорот „Митрополит Козма Пречистански“ – Кичево, вчера, 13 јануари, објави нова новогодишна – василичарска каланда, посветена на празникот на Свети Василиј Велики и благословот на Новата година, за која изработи и прекрасен видео запис.
Оваа каланда ја носи пораката за здравје, бериќет и духовна обнова, како што со генерации се пеела при новогодишните благослови од дом на дом. Текстот на новогодишната каланда обединува делови од старата Дебарско-реканска песна и новиот современ и многу поучен текст.
Новогодишната каланда изразува еден достоинствен хорски аранжман, создавајќи топла празнична и духовна атмосфера за сите оние кои ја негуваат православната традиција.
ТЕКСТ НА КАЛАНДАТА
„Чук, чук, кој иде?“ – Свети Василиј
Чук, чук, кој иде? — Свети Василиј. Од кај иде?
Од Кесарија. Што носи? — Здравје и бериќет од Господа.
Сурова година, весела година,
голем клас на нива, голем грозд на лоза,
црвено јаболко в градина, живо и здраво до година.
До година — до амина.
Среќна и бериќетна Нова година.
Почнува Нова година на Божјата милостина,
и со споменот на свети и блажен Василиј Велики.
Со арно нека почнеме во Христа живот обновен,
далеку од зло и прелест, и украсени со доблест.
И во просвештението според Евангелието,
и со љубов и во светост да сведочиме пред светот.
Среќна ви Нова година со чиста душа, спокојна,
и со радост и со славје, и догодина со здравје.
🎄 Среќна и бериќетна Нова година — со здравје и радост во секој дом!
Дума.мк

