Украинска уметница ги разубавува рушевините на својот роден град со илустрации
Украинската уметница и илустраторка Саша Анисимова проба да го „врати“ животот на разрушените згради на својот роден град, Харков.
На својот Инстаграм-профил, оваа девојка објави фотографии од жалосно разорениот град, на кој интервенираше со свои илустрации и цртежи, обидувајќи се да го врати секојдневниот живот кој до неодамна го живееја сите украински граѓани.
Еден од цртежите е наречен: „Украден живот“.
-Денес полнам 30 години. Мислев дека сакам да имам куќа, патувања, облека и многу други нешта, но сега само сакам да сум во својот роден град, да го шетам моето куче во паркот и да уживам под сонцето пиејќи кафе, наместо да читам вести за војната“ – изјави таа на една од своите илустрации.
Таа изјави дека не знае колку ќе трае војната ниту колку нејзини сонародници останале без покрив на главата.
-Знам дека живеевме нормален живот, но тие го украдоа тоа и го нарекоа „спасување“. Нема да ја разберам војната, никогаш. Нема да заборавам на тоа страшно утро кога си заминав од својот град“ – вели Саша.
Нејзините цртежи ги трогнаа многу од следбениците на Инстаграм, а фотографиите станаа вирални на интернет. На Твитер мрежата, корисниците во жал коментираа дека украдените животи се страшна приказна на 21 век, но дека уметноста е сила со која може да се запомнат овие тешки мигови и да не се заборави што се случило.