Белгиецот Пјер Марколини прогласен за најдобар слаткар во светот, неговите чоколади чинат и повеќе од 100 долари
01.12.2020
„Ворлд пастри старс“ (World Pastry Stars), италијанска организација на готвачи од земји познати по кондиторските производи и чоколади, му ја додели титулата најдобар слаткар на светот на белгискиот производител на чоколади Пјер Марколини, со тоа зацврстувајќи ја белгиската репутација на врвен произведувач на овие слатки.
Марколини е познат по својот минималистички стил, неговите чоколади се продаваат како луксузни подароци, од кои некои и за повеќе од 100 долари. Неговите продавници се наоѓаат во многу земји, од Германија до Кина.
Својата прва продавница ја отворил во Брисел пред 25 години. Како што изјавил за „Ројтерс“, наградата ја гледа како потврда за својот „луд проект кој се обидува да го обнови, преобликува, промени, модернизира светот на слаткарството и светот на чоколадата“.
Марколини се надева дека чоколадата ќе им донесе на луѓето барем малку утеха во овие тешки времиња поради пандемијата со Ковид-19.
Ние сме во мрачен период поради пандемијата. Мислам дека најдоброто нешто што можете да направите е да останете дома со плочка чоколада, со кутија пралине – рекол тој.
Белгија може да се пофали со „чоколадниот занает“ кој датира од 1912 година, кога Жан Неухаус го смислил пралинето. Меѓутоа, во последните години, оваа земја се соочува со силна конкуренција од странство, од Канада до Малезија, каде своите производи ги пласираат како „белгиски стил“ или „според белгискиот рецепт“.
Мите Јаначков