Земјата има нов придружник: Откриен тројански астероид, ќе не следи уште 4.000 години

Астероид откриен во орбитата на Земјата, широк околу 1,2 километри, би можел да остане во орбитата околу нашата планета уште најмалку 4.000 години без да претставува никаква опасност, објавија шпански научници.
Користејќи податоци од телескопите во Чиле, Аризона и Канарските Острови, научниците го дадоа досега најсеопфатниот опис на астероидот, наречен 2020 XL5 и првпат откриен пред две години.
Тие потврдија дека тој е еден од само двајцата таканаречени тројански астероиди кои патуваат како придружници на Земјата.
Тројанските астероиди можат да бидат скитници во Сончевиот систем, како што се чини дека е случај со овој, или тие претставуваат материјал кој останал од формирањето на нивната матична планета. Тие остануваат заробени од планетарните гравитациони сили и потоа орбитираат околу Сонцето по истиот пат како и таа планета.
Се чини дека ова е астероид од типот Ц, еден од најчестите видови во Сончевиот систем, според научникот Тони Сантана-Росо од Универзитетот во Аликанте и Институтот за вселенски науки на Универзитетот во Барселона, водечки автор на студија објавена во списанието Nature Communications.
Овие астероиди се со темна боја и содржат многу јаглерод заедно со камења и минерали.
„2020 XL5 не претставува закана за Земјата. Очекуваме тој да остане во својата сегашна стабилна орбита најмалку во следните 4.000 години“, рече научникот и коавтор на студијата Цезар Брисено од американската Национална научна фондација NOIRLab.
Тоа е на растојание од Земјата кое варира од 90 до 270 милиони километри.
Астероидот зазема една од петте таканаречени Лагранжови точки – позиции во вселената каде што објектите имаат тенденција да останат на своето место. Овие пет места овозможуваат стабилни орбити поради конкурентните гравитациони сили на Земјата и Сонцето. Овој се наоѓа на она што се нарекува точка L4.
Единствениот друг тројански астероид виден околу Земјата, откриен пред 12 години, исто така во точката L4, го доби името 2010 TK7. Тој е помал со пречник од околу 400 метри. Се смета дека тој бил заробен од гравитацијата на Земјата додека „скитал“ по Сончевиот систем.
Астероидот 2020 XL5, првпат откриен во декември 2020 година со помош на телескоп на Хаваи, можеби бил фатен од гравитациската сила на Земјата пред околу 500 и 1.000 години, појасни Сантана-Рос.
Бројни тројански астероиди го населуваат нашиот Сончев систем, а најголемата планета, Јупитер, има речиси 10.000, вели Сантана-Рос.
НАСА лансираше вселенско летало по име „Луси“ минатиот октомври за да ги истражи.
Тројански астероиди се пронајдени и околу Нептун (28 од нив), Марс (четири), Уран (два) и Венера (еден).
„Јупитер е џин во секоја смисла, дури и во однос на масата. Тој ја исчистил својата околина од други објекти и собра илјадници објекти на своите точки L4 и L5“, рече Сантана-Рос.
„Земјата има понежна средина, со блиски гравитациски конкуренти како Венера, Марс или дури и Месечината. Затоа, гравитационите нестабилности на 2020 XL5 на крајот ќе му овозможат на тој астероид да избега од точката на стабилност L4.
Сантана-Рос рече дека би можело да има уште тројански астероиди околу Земјата кои допрва треба да се откријат. Двете Лагранжови точки на кои би можеле да постојат, L4 и L5, тешко се набљудуваат од Земјата.
„Секој астероид кој орбитира околу овие точки ќе биде видлив само за краток временски период во близина на самракот, на многу ниски височини над хоризонтот“, додаде Сантана-Рос.
„Ако ги насочиме нашите најголеми телескопи ниско над хоризонтот и во близина на самракот, сигурен сум дека ќе најдеме повеќе изненадувања“, заврши тој.
