Цивил ја промовираше „Граѓанската повелба“ во Велес

Објавено на 26 април, 2017 во 16:06

Цивил ја промовираше „Граѓанската повелба“ – глобален документ за унапредување на граѓанските права и за активно учество на граѓаните во процесите на одлучување, во Велес. Во присуство на медиумите, граѓански активисти од нашиот град и граѓанки и граѓани, Цивил детално ги презентараше сите активности поврзани со „Граѓанската повелба“ на светско и на национално ниво.

Станува збор за повелба која ги реафирмира човековите права и слободи и во исто време информира дека драстично се стеснува просторот за граѓански активизам.

– Сведоци сме на примери на невидено насилство врз луѓе кои се залагаат за човекови права и слободи. Тие се активисти и активистки за слобода, човекови права, за екологија и се соочуваат со невидени институционални и политички притисоци па дури и во некој делови од светот ги губат животите. Во нашата земја оваа повелба има големо поволно тло. За жал исто така и ние во Македонија сме подложени на притисоци, кои ни ги загрозуваат животите и безбедноста токму поради политичките и притисоците на институциите кои се заробени од политички структури на власта. Оваа граѓанска повелба се обидува да ја алармира јавноста дека бизнисот во светот а тоа се однесува и на Македонија се повеќе го стеснува просторот на нашето дејствување и ги крши човековите права и слободи на дневна основа. Социјалната правда е речиси мисловна именка во услови кога либералниот капитализам ја гази иницијативата, ги гази сите одредби кои се заштитени со Устав и Закон но од друга страна имаме ситуација која токму таквите прегазувања се поттикнуваат токму преку некои законски акти кои се спротивни на Уставот и меѓународните норми за почитување на социјална правда, рече претседателот на Цивил, Џабир Дерала.

Тој додаде дека постојат примери кои се во согласност со Уставот и меѓународните норми но во подзаконски акти , во регулативата која треба да овозможат спроведување ги крши и Законите и Уставите. Затоа Цивил токму преку оваа Повелба се обидува да ги поттикне граѓаните да учествуваат во креирањето на својата иднина и да бидат гласни и јасни во барањата за правда, слобода, демократија и еднаквост.

Граѓаните на Велес денеска имаа можност да добијат информативни и едукативни материјали, како и да се приклучат кон поддршката за Повелбата, преку потпишување на изјава за поддршка или со учествување во фото и видео-петицијата.

Проектот „Општество без граници“ – Цивил го спроведува со поддршка на германската Фондација „Хајнрих Бел“./У.Ј

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.