Во акцијата „Којот“ МВР приведе 19 лица, најголем број од Велес
Објавено: 20 јули, 2016, во 12:59 часот
Деветнаесет лица се приведени, по три се уште се трага додека едно лице е надвор од државата и уште едно е на издржување затворска казна. Ова е епилогот од акцијата „Којот“ што министерството за внатрешни работи ја спроведе во текот на ноќта и утринските часови на подрачјето на Велес, Неготино, Гевгелија и Скопје, за разбивање на криминална група.
Во соопштението објавено на веб страницата на МВР пишува дека лицата се осомничени за сторени кривични дела злосторничко здружување, разбојништво, лажно претставување, неовластено производтсво и пуштање во промет на наркотички дроги, психотропни супстанции и прекурсори, криумчарење на мигранти и злоупотреба на службена положба.
Според информациите на МВР, организатори на криминалната група биле три лица од Велес, од кои еден вработен во СВР Велес. Групата почнала да дејствува од почетокот на 2015 година на национално и на меѓународно ниво.
Во извршувањето на криминалните активности учествувале и полициски службеници на СВР Велес. Тие контактите и дејствијата ги извршувале и за време на работа, а за криминалните цели на групата често ја злоупотребувале службената положба за да и обезбедат на криминалната група информации и друга помош како и логистика за успешно извршување на кривичните дела.
Полицијата при претресите во домовите на осомничените досега пронашла автоматски пушки, рачна бомба, пиштол, дробилка за марихуана, муниција за огнено оружје, службена документација, документација за судски акти за извршување како и документација од исплата на парични средства.
Во соопштението на МВР пишува дека двајца, од тројцата организатори на криминалната група, биле организатори и на разбојништвото што се случи во Велес , кога од вработени во Агенција за обезбедување беа одземени четири касети во сопственост на Стопанска банка во кои имало 4 милиони денари.
Според МВР, еден од осомничените, триесет и петгодишен велешанец, повеќе од една година организирал дилери на дрога во Велес и Штип. Тој ја набавувал дрогата, претежно марихуана, од Албанија или Скопје и ја доставувал до други посредници од групата кои потоа ја распоредувале на улични дилери.
При истрагата утврдено било дека криминалната група организирала транспорт на над 550 мигранти . По целосно документирање на случајот ќе бидат поднесени кривични пријави за сторените кривични дела.
Даниела Саздова


