Прочкарите пеат пред домовите на велешани „Оптири лајлам, тра ла лала лајлам“
Објавено: 22 февруари, 2015, во 10:15 часот
Песни ги будат утринава граѓаните на Велес. Ги пеат групи на прочкари деца. Влегуваат во домовите на велешани за да го најават скорешното доаѓање на пролетта на која сите и се радуваат. Маскирани се во дедо, баба, зет, невеста или доктор. Штом ќе ја отпеат песната, ја боцкаат бабата а таа паѓа и лекарот ја кажува дијагнозата според која бабата е болна од шекерна болест и за неа лекот е баклава а наградата за лекарот се парите. Тие се награда од домаќините за посетата на прочкарите.

Во централниот дел на градот утрово одекнува песната на детските групи прочкари. Според традицијата во градот порано се маскирале и возрасни граѓани. Со задолжителната гардероба на ликот на лицата ставале сурати поточно маски на баби, дедовци, зетевци, невести и доктори. Така шетале низ улиците и влегувале во домовите на своите сограѓани. Предизвикувале смеа но и радост. Утрово велешани единствено им се радуваа на децата кои согласно традицијата не доаѓаат како пет члени групи. Им недостасуваат дел од прочкарските ликови.

Така ќе биде до пладне кога започнува времето за ручек на кои бабата и дедото веќе ги поканиле ќерката и зетот. Од приквечер граѓаните ќе се раздвижат низ улиците во градот. Ќе почнат визитарските посети во домовите на родителите, постарите членови на семејствата и кумовите. Помладите со лимон и портокал во раце, од постарите ќе барат прошка велејќи: „Простете ми ако нешто сум згрешил-а“ на што постарите ќе одговарат: „Простено ви е и од нас и од Господа“. Тие од колено на колено го пренесуваат значењето и големината на христијанскиот празник Прочка со верувањето дека ноќеска на полноќ ќе се простат Небото и Земјата.
Убавка Јаневска


