Велешани вечерва го чествуваат храмот на манастирот Свети Димитрија а утре Источен петок Балаклија (ФОТО)
Објавено: 16 април, 2015, во 17:23 часот
Со посета на манастирот „Свети Димитрија“ , три километри оддалечен од градот, велешани го започнаа чествувањето на христијанскиот празник Источен петок Балаклија. Традицијата налага патот до манастирот да се мине пеш и веќе по неа попладнево во манастирот стигнаа првите верници. Вечерва реки од луѓе ќе се слеат од сите страни во градот, од Камено брдо, Тунел,Којник или од населбата Дворови и исто така од Јурија, Варналиите, Соколаана кон манастирот. Сите, без разлика дали живеат на три, пет, седум километри, до манастирот ќе одат пеш. Најкратката пешачка дестинација е од Стар мост се до влезната капија на верскиот објект.

Попладнево меѓу првите кој во чест на светецот Димитрија стигнаа во неговиот храм беше велешанката Валентина Лазова.
„Веднаш по завршување на работата заедно со дел од колешките дојдовме да запалиме свеќа и да се помолиме пред светецот да не заштити од лоши работи и да не дарува со здравје и среќа, нас и нашите семејства,“ рече Лазова

Од втор болнички дол, дел од градот, во дворот на манастирот стигнаа Бојка Гочевска и Зора Цандева. Двете соседки рекоа дека доаѓаат во манастирот секоја година, на денот кога се одбележува храмот.
„По седумдесет години имаме и не сме пропуштиле да дојдеме за да запалиме свеќа и да побараме милост од светецот за нас и нашите деца. Така и годинава, “ рече Гочевска.

Додека тие се искачуваа по калдрмата во дворот на манастирот, а свештениците ги правеа последните подготовки за свечената богослужба, пред духовниот храм свеќи палеа деца, мајки, татковци, дедовци и баби.
Пред манастирот пак продавачи на храна, на сувенири, икони и други дребулии веќе привршуваа со поставување на тезгите. Од Крушево, втора година, доаѓа Флорика Јада која продава локум.

„Втора година сум тука.Ние четириесет и пет години произведуваме локум и лани разбравме за чествувањето и дојдовме. Имавме одлична продажба на нашите производи затоа сме и годинава тука,“ рече Јада.
Вечерва се до полноќ велешани ќе го посетуваат манастирот а утре ќе продолжат со чествувањето на празникот Источен Петок Балаклија./У.Ј














