Откриен човечки труп во распаѓање во водите на Вардар, кај Караслари
Објавено: 25 јуни, 2015, во 14:42 часот
Сеуште не е извлечен човечкиот труп во близина на мостот кај селото Караслари што претпладнево го забележаа учесниците на регатата „Гемиџии“. По пријавувањето во полициската станица во Велес увидната екипа излегла на терен. Потврдено е дека станува збор за труп на жена но не може да се извлече од водите на Вардар бидејќи се наоѓа на многу непристапен терен, информира портпаролката на СВР Велес, Анита Стојковска.
„Во присуство на нашата увидна екипа неколку часови кајакари кои доброволно се пријавија да помогнат се обидуваат да го извлечат телото на удавената жена. Тоа се наоѓа на локација подолу од мостот кај село Караслари каде што има брзаци и нивото на водата е високо. Во колку не успеат кајакарите ќе побараме помош од професионалните нуркачи,“ рече Стојковска.
Сега учесници во регатата раскажуваат дека утрово пред тргнување им пришле неколку момчиња и побарале од нив да внимаваат додека пловат да не случајно видат тело на жена во Вардар. Двајца од момчињата биле синови на жената што неколку дена се води како исчезната во Велес./У.Ј


