На велешани засега никој не им дели шишиња со вода
Објавено: 24 јули, 2015, во 13:09 часот
Пеколните температури ги испразнија улиците во Велес. На жешкиот асфалт, освен возилата, нема движење на граѓани. Ретки се оние кои мораат да излезат на + 40, но и тие брзаат да ја завршат работата за да се вратат во климатизираните простории. Единствено освежување под немилосрдните сончеви зраци се дебелите сенки на јаворите во центарот на градот.
На клупите под нив и во најтоплиот период од денот можат да се забележат граѓани кои сакаат да здивнат од екстремно топлото време. Освен да поседат можат и да се разладат со вода од градската чешма. Само чешмите од градскиот водовод се достапни за граѓаните во овие пеколни температури.

„Гледаме на телевизија дека во другите градови делат шишиња со вода на улиците. Но еве кај нас нема, годинава никој не дели вода. На ова жешко време многу добро би ни дошла“.
„Гледаме да не излегуваме многу на топлото време, ама некогаш мораме и тогаш убаво би било на улица да ни подаде шише со вода, малку да се разладиме и освежиме“, рекоа граѓани.

Годинава ги нема волонтерите на општинската организација на Црвен крст да им делат шишиња со вода. Ваквата пракса на хуманитарната организација беше актуелна до пред две години кога последен пат, на неколку пунктови низ градот, волонтерите им делеа вода на велешани. Годинава нема да делат оти ниту една фирма не пројавила интерес да донира вода, велат од организацијата.
Единствено на граѓаните, волонтерите се обидоа да им помогнат со флаери и совети за заштита од топлотен бран. Неделава волонтерите ги поделиле флаерите по маркетите, кафетериите и на пензионерите. Во нив се напишани совети за заштита на работно место во услови на топлотен бран. Сепа освен во банките, волонтерите не успеале да ги влезат во приватните фирми, каде ретко имаат пристап. Уште една „тура“ флаери волонтерите ќе делат и од понеделник.

Кога ги прашавме локалните власти какви активности преземаат за заштита на граѓаните одговорија дека постојано ја следат состојбата со градските чешми и нивната исправност, кои ги има речиси на сите делови од градот.
Жешкото време продолжува и во наредниот период. Метеоролозите најавуваат живата на термометарот да се искачи до 40-от степен. Во вакви услови сепак пожелно е граѓаните да си седат дома каде за нив барем засега е најбезбедно./Д.С


