„Стоп за употреба на петарди“ показна вежба за велешките основци

Објавено: 22 декември, 2015, во 12:34 часот

Преку показна вежба, со штетните последици од употребата на пиротехничките средства, денеска во Младински парк се запознаа велешките ученици од основните училишта. Волонтерите на Црвен крст во заедничка акција со отсекот за превенција при СВР Велес и Противпожарната единица, на мошне сликовит начин симулираа повреди од употреба на петарди и им укажаа на децата зошто треба да се воздржат од нивно користење.

„Последиците од употребата на петарди секоја година се регистрираат во медицински центар. Има деца со оштетени раце, прсти. Штетен е и звукот од петардата за оние кои се наоѓаат во близина на детонацијата, тој делува стресно за сите што не ги гледаат но ги слушаат. Штетно по здравјето е и вдишувањето на микрочестичките од испуканата петарда“, рече началникот на секторот за превенција Верољуб Додевски.

„Со оваа презентација сакаме да покажеме дека пиротехничките средства не е дозволено да се користат со тоа што можат да настанат непредвидливи ситуации . Децата лесно можат да останат без прсти, да го изгубат слухот . Особено порачуваме да не се фрлаат петарди во затворени простории затоа што лесно можат да предизвикаат пожар“, рече командирот на ППЕ Велес Љупче Лепидовски.

Децата со големо внимание ја следеа показната вежба , велат дека знаат какави последици може да остави употребата на петардите и другите пиротехнички средства.

„Јас сега нема да употребувам петарди затоа што знам дека се опасни“.

„Никогаш нема да употребувам петарди, затоа што последиците се големи. Оваа вежба не научи на тоа дека освен нашиот ќе им го загрозиме и животот на нашите родители со тоа што ние ќе се повредиме“.

Продажбата и употребата на пиротехнички средства се актуелни пред Новогодишните празници. Од СВР Велес велат дека од година во година се помал е бројот на продадени и употребени петарди во градот, а со тоа е намален и бројот на повредени./Д.С

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.