Велешани во одбрана на ликот и делото на Кочо Рацин

Објавено: 20 февруари, 2017, во 10:57 часот

Текстот за Кочо Рацин, во кој поетот се нарекува „џуџето од Велес“, објавен викендов од новинарот Цветин Чилиманов на неговиот блог предизвика бројни реакции како во велешката така и во македонската јавност. Во изминатите два дена социјалната мрежа „Фејсбук“ вриеше од коментари во кои граѓаните ги соопштуваа своите ставови по повод писанието на Чилиманов. Граѓани од Велес, граѓани родени во градот на Рацин кои сега живеат во други градови во Македонија или граѓани одселени во странство, бараа одговорност од Чилиманов за искажаните навреди на ликот и делото на Рацин.

Меѓу нив беше и внукот од сестра на Кочо Рацин, Зоран Синадиновски, кој во реакцијата на коментарите на Чилиманов напиша:

„Вујко ми Кочо Рацин животот го дал за слободата на Македонија. Целиот живот ѝ го посветил на борбата за подобар и поправеден свет, за едно општество на слобода, еднаквост и братство во кое ќе има правда и солидарност. Силно верувал во иднината и слободата на Македонија во која сите граѓани без разлика на вера, пол, етничко и социјално потекло и политичко убедување ќе живеат слободни и еднакви без делби и омраза. Неговиот живот и дела зборуваат кој бил и е Кочо Рацин“, напиша Синадиновски.

Тој искрено им се заблагодари на сите граѓани кои застанаа во одбрана на идеалите, ликот и делото на Кочо Рацин.

„Борбата продолжува! Ќе победиме! Силно светнал ден!“, порача Синадиновски.

Реакција стигна и од општинската организација на Социјалдемократскиот сојуз во Велес во во која се осудуваат скандалозните навреди на ликот и делото на македонскиот поет и револуционер Коста Солев Рацин од страна на лицето Чилиманов или како што пишуваат социјалдемократите „ лицето кое власта во заминување му овозможи да биде дел од институцијата Претседател на Република Македонија, денес е задолжено да шири омраза и нетрпеливост низ социјалните мрежи и медиумите“.

„Рациновите дела се плод на патриотизмот и копнежот за еднаквост, напредок и слобода, вредности што постојано се погазувани од страна на криминалната власт на ВМРО-ДПМНЕ. Обидите на криминалците на власт и нивните соработници да го дефокусираат вниманието на јавноста од правдата и незапирливите промени во општеството нема да успеат. Тие промени, освен економска обнова на нашата земја, значат и рехабилитација на културните и моралните вредности во општеството,“ пишува во реакцијата на СДСМ – Велес.

Сеуште на Фејсбук не се стивнати реакциите на граѓани од Велес. Таму е предложено да се покрене иницијатива за прогласување на Чилиманов за персона нон грата во Велес. Граѓанската иницијатива прво да се поднесе до Советот на општина Велес и доколку не биде прифатена, за неа, да се побара Референдум. Исто така е формирана и група која организира мирен протест што денеска со почеток во 15 часот треба да се одржи пред бистата на Кочо Рацин, во дворот на велешката гимназија./У.Ј

 

 

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.