Велешките Социјалдемократи се сомневаат во регуларноста на спроведените тендери во училиштата, од општината велат дека нема такво нешто во нивната ревизија
Објавено: 23 јуни, 2017, во 14:26 часот
Од општина без долгови и без преврабитеност, Општина Велес денес е презадолжена општина со долг од 6 милиони евра и превработеност на главно партиски кадри и во која се случува грубо кршење на Законот за јавни набавки, обвини денеска портпаролката на СДСМ, Весна Стојанова Богоевска. Таа како прекршители на овој закон ги посочи средното училиште „Гимназија Кочо Рацин“ како и основните училишта „Блаже Конески“, „Кирил и Методиј“, „Васил Главинов“ и „Јордан Х.К.Џинот“.
– Според член 103 став 2, од Законот за Јавни набавки, договорниот орган доставува примерок во електронска форма од евиденцијата на постапките со барање за прибирање на понуди во електронскиот систем за јавни набавки најдоцна до 31 јули и до 31 јануари за договори за јавни набавки склучени во претходните шест месеца. Денес е 22 јуни и се поминати 142 дена по законски утврдениот рок во кој што овие институции се обврзани да го објават 6 месечниот извештај за спроведените постапки за јавни набавки односно евидентирање на постапките со барање за прибирање на понуди, рече Стојанова Богоевска.
Според СДСМ ваквото непостапување по законот, наведува на сомнеж дека во овие училишта се спроведувале сомнителни тендери и постапки од каде побараа директорите веднаш да ги објават извештаите за спроведените набавки во последниот 6 месечен период.
– Граѓаните на Велес имаат право да знаат за што се трошат нивните пари, да знаат колку пари училиштата инвестираат во инвентар, за греење, за превоз, рече Стојанова Богоевска. Таа најави ревизија на работењето на општината доколку наесен опозицијата стане власт и во Велес.

Прес конференцијата на СДСМ е неаргументирана и паушална, писмено реагираше општина Велес. Од таму не соопштија дали тендерите во претходните шест месеца во Гимназијата и четирите основни училишта биле законски туку напишаа дека направиле ревизија како и дека Социјалдемократите, неделава одржале две прес конференции, само да ги заплашат вработените кои работеле чесно, одговорно и по закон.
– Господа од СДСМ ревизија во Општина Велес имаше и таа потврди дека тука нема незаконско работење, но за да го докажеме тоа, општината планира на сопствена иницијатива да повика повторно да се изврши ревизија. Ние немаме што да криеме. Работиме трансперантно и единствено по закон, пишува во реакцијата на општина Велес./У.Ј

