Дервенци, додека сечеле гранка на багрем, ја скршиле канделабрата во паркот кај „Офицерски“
Објавено: 28 јуни, 2017, во 15:13 часот
Сечењето на гранка од багремот на главната градска улица „Благој Ѓорев“ е причина за скршената и падната канделабра од градското улично осветлување во Велес во паркот кај “Официрски“. Гранката ја сечеле работниците на јавното комунално претпријатие „Дервен“. Инцидентот се случил додека траел процесот на сечење. На работниците им се испуштила гранката која паднала врз уличната светилка и од силата на падот се свиткал до земја железниот столб што ги држи двете сијалици.

Во моментот на сечење на гранката немало движење на граѓани по тротоарот на улицата. Сообраќајот не бил густ па е избегната поголема несреќа. Среќа во несреќа е што гранката сепак тежнеела кон тротоарот а не кон коловозот на главната градска сообраќајница, велат граѓаните од околните згради. Дел од нив се очевидци на случката.

Од општина Велес велат дека знаат за случката и побарале одговор од „Дервен“ за причината на уништената канделабра. Од таму им одговориле дека ќе ја надоместат штетата и ќе ја поправат канделабрата во најкраток можен рок./У.Ј


