Саздов: Коцевски не го избра народот туку партиската полиција

Објавено: 16 октомври, 2017, во 16:35 часот

Кандидатот за член на Советот на Велес Петре Саздов од коалицијата „За подобра Македонија“ на денешната прес конференција им се заблагодари на сите граѓани на Велес кои, според него,вчера успеаја да го остварат своето право на глас и упати особена благодарност за граѓаните кои својот глас го дадоа за ВМРО-ДПМНЕ, и покрај сите, невидени, брутални притисоци од страна на полициската власт на СДСМ.

– Вчера во Велес немаше слободен изборен ден. Во Велес вчера владееше целодневен полициски час воведен од страна на полициската власт на СДСМ. Велес вчера ги имаше најнеслободните, најнедеморатските избори од кога постои независна Македонија. На илјадници велешани вчера им беше одземено правото на глас од страна на полициската власт на СДСМ. Вчера во Велес гласаа само 29 832 граѓани. Велес не памти кога претходно гласале помалку од 30 илјади граѓани. Само пред неколку месеци, на парламентарните избори во декември, гласаа 3 483 граѓани повеќе отколку вчера. Овој број е уште по драматичен кога ќе се спореди со претходните локални избори, кога гласаа 4019 луѓе повеќе отколку на овие недемократски избори. Причината е партиско-полициската група на СДСМ која изминатите денови вршеше невиден терор и притисок врз членовите и активистите на ВМРО-ДПМНЕ и кулминираше вчера на денот на гласањето, рече Саздов.

Тој додаде дека цел Велес видел како криминалното подземје и партискиот врв на СДСМ во Велес координирано делува со полицијата во текот на целиот изборен ден, запирајќи и легитимирајќи активисти на ВМРО, но и обични граѓани кои се упатувале на гласачките места за да си го остварат правото на глас.

– Активисти на СДСМ се возеа низ цел град во полициски возила и тоа претежно на места кои важат за места каде ВМРО-ДПМНЕ традиционало победува со голема разлика. Партиски активисти во полициски возила заедно со полициски службеници. Ова досега никогаш не е видено во Велес. Тоа што се случуваше вчера на денот на гласањето беше само продолжение и кулминација на сето она сценарио што СДСМ и МВР го спроведуваа претходните денови. Почнувајќи од блокирање на проектите ”изградба на кружен тек кај Панини”, реконструкцијата на градски пазар и изградбата на мостот кај Башино село во текот на кампањата, преку неосновани и оркестрирани задржувања во полиција на активисти на ВМРО ДПМНЕ во текот на викендот предизборите, завршувајќи со буквално полициски час кој СДСМ го спроведе на самиот изборен ден, рече Саздов.

Тој соопшти дека цел кочан со изборен материјал, наместо во Велес завршил во Струмица, без притоа да се знаел вкупниот број гласачки ливчиња и за што тие биле употребени . Саздов, исто така, најави дека во наредните денови ќе излезат со по конкретни податоци и информации за се што се случувало ден пред и на изборниот ден./У.Ј

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.