ЦУК: Во последното деноноќие имало еден пожар на отворено, 1.583 итни повици на 112, „премостување“ со автобус на делница од железничка пруга и забележано труење на бездомни животни во Скопје
Центарот за управување со кризи известува дека пожарникарите од Битола во период од 17:37 до 18:33 часот, со едно противпожарно (ПП) возило и трочлен тим интервенирале на запалена ниска вегетација, сува трева и грмушки, на стариот пат за с.Могила во Општина Могила. Помали интервенции имале пожарникарите, по една, од Валандово, од Кавадарци и од Охрид, а пожарникарите од Скопје имале две помали интервенции.
Според последниот извештај на сектотот Е-112 во ЦУК кон Единствениот број за итни случаи 112 во ЦУК имало вкупно 1.583. „Реални“ повици за итни случаи имало 31,59%. Имало 68,41% други, именувани како „неитни повици“, што биле за други потреби на граѓаните или едноставно не биле итни. Со примањето во ЦУК на овие други повици се растоваруваат од повици службите коишто се за итно интервенирање. Кон Полицијата биле упатени 54,60% од повиците, кон Итната медицинска помош 38,65%, а кон пожарникарите биле упатени 1,84%. Кон ЦУК имало 4,91% од итните повици, што е во рамки на просекот од 3% до 10% што ги решава, секако заедно со 68,41% од другите, именувани и како „неитни повици“, поточно ги координира итните случаи чија природа на настан „бара“ комбинирано дејствување на повеќе институции или служби во државата.
ЦУК известува дека, согласно информирањето од Македонски Железници дека поради напукнат бетонски столб на мост на Црна Река, на линијата Гевгелија – Велес, поточно помеѓу железничките станици Кукуричани – Градско (во близина на Стоби), железнички сообраќај на овој патен правец целосно е во прекин од 15:25 часот, (и патнички и товарен), но патничкиот сепак се одвива со „премостување“ – со автобуски превоз. Конкретно, од Скопје возовите ќе сообраќаат до Градско, додека од Гевгелија ќе сообраќаат до Криволак. Од наведените железнички станици (Градско и Криволак), патниците се превезуваат со автобуски превоз. Инаку, експерти од Градежниот Факултет во Скопје, во текот на денешниот ден е планирано да излезат на терен за да извршат увид на состојбата.
Регионалниот ЦУК Скопје, известува дека од Единствениот број за итни случаи Е-112 добиле информација дека на крстосницата на ул. „Варшавска“ со Бул. „8ми Септември“, околу комплексот на згради, имало расфрлана отровна материја од којашто започнале да изумираат бездомните животни. Тоа е многу опасно за мали деца кои можат случајно да дојдат во допир или да земат од таа затруена материја. Од ЦУК, конкретно преку Регионалниот ЦУК Скопје пријавата е доставена Општина Карпош и до ЈП „Лајка“, за нивно понатамошно постапување, а истовремено ја информирале и Полициската станица „Карпош“ од каде што повратно известиле дека веднаш испратиле екипа на терен за увид.
Дума.мк