ЦУК: 1.847 повици на 112 во последното деноноќие, „зимски“ пожари на отворено и барање залутани лица
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во последното деноноќие имало вкупно 1.847 повици на Единствениот број за итни случаи 112, од коишто „реални“ повици биле 41,96%, а 58,04% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 55,67%, кон Итната медицинска помош 38,49%, а кон пожарникарите 4,47% од реалните повици кон 112 во ЦУК.
Повици за итни случаи на 112, што се вкупен збир од тие што биле за комбинирано решавање од „реални“ повици 1,37% со другите 60,60% што се именувани како „неитни повици“, биле на број 987 и биле предмет на примање, на обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со други институции од Системот за управување со кризи, согласно природата на пријавените итни случаи.
Инаку, сношти, по добиениот повик на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК дека во пределот кај месноста Милениумски Крст на Водно се наоѓаат пет залутани лица, турски државјани, кои се изгубиле и не знаеле да се спуштат надолу откако се стемнило, од Секторот за операции и координација на ЦУК се известени дежурните од полицијата, СВР Скопје. Полицајците веднаш тргнале со возило и ги пронашле, а потоа безбедно ги спуштиле во градот.
„Зимски“ пожари на вегетација на отворено според извештаите на Регионалните центри за управување со кризи во државата се уште има, така и во последното неделно деноноќие имало 7 пријавени за запалена нискостеблеста шума и друга вегетација, а и отпадоци гаснеле пожарникарите од Скопје кај с. Варвара, од Прилеп кај патот за Даблница. ТППЕ од Гевгелија имала две одделни интервенции заради запалена ниска вегетација и трска кај селата Селимли и Богородица. Пожарникарите од Валандово гаселе кај с. Удово, месност „Адата“ на површина од 0,5 хектари, од Делчево, на површина од околу 1,5 хектари гаселе кај с. Илиово, месност „Ширината“. Пожарникарите од Ранковце гаснеле запален отпад и ѓубриште покрај локалниот пат кај с. Опила.
Се уште има и запалувања на оџаци, вкупно пет во последното деноноќие. ТППЕ Охрид во текот на денот имала три интервенции поради запалени оџаци, а ТППЕ Дебар и ТППЕ Гостивар имале по една интервенција заради запален оџак.
ЦУК апелира за да не се палат стрништа, шума и друга вегетација, а и отпадоци и контејнери на отворено, бидејќи тоа го намалува квалитетот на амбиенталниот воздух и да ги слушаат препораките на пожарникарите во поглед на чистење на оџаците, а секако да бидат внимателни при прошетките во природа, бидејќи на повисоките места во планините осоите се на многу места замрзнати.
Дума.мк