Советот на Општина Велес бара МОН да не го зголемува бројот на паралелки на албански на сметка на македонски наставен јазик, во прва година, во велешка Гимназија

Објавено на 11 април, 2024 во 16:32

Заклучокот со 20 гласови „за“ и два „против“ бил донесен на итна седница на Совет на Општина Велес, одржана во вторникот, на 9 април, годинава. Седницата била закажана откако СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ испрати Информација со која ги информира членовите на Советот за указот на Министерот за образование Јетон Шаќири со којшто треба да се отвори втора албанска паралелка, во прва година во велешка Гимназија, согласно објавениот Конкурс за запишување ученици во новата учебна 2024/25 година. Исто така и дека не е земен во предвид претходно доставениот предлог на Општина Велес за бројот на паралелки на македонски и на албански наставен јазик во ова средно општинско училиште.

Во Заклучокот на Советот на Општина пишува:

„Советот на Општина Велес му препорачува на МОН да изврши исправка на Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2024/2025 година во Република Македонија и тоа во точка 11 која се однесува на СРЕДНО ОПШТИНСКО УЧИЛИШТЕ ГИМНАЗИЈА „КОЧО РАЦИН“ Велес, согласно со претходно доставениот предлог од Општина Велес во прва година да се запишат 204 ученици во 6 паралелки и тоа 4 паралелки со изведување на настава на македонски јазик – 1 билингвална (македонско — англиска) паралелка – 1 паралелка со изведување на настава на јазикот на заедницата — албански јазик По заклучокот МОН да постапи согласно член 42, став 2 од Законот за Средно образование, и тоа во рок од 5 дена од приемот на овој заклучок. Овој Заклучок влегува во сила нареден ден од денот на објавување во “Службен гласник на Општина Велес.”

Овој Заклучок на Советот на Општина Велес е објавен на 9 април и стапува на сила наредниот ден од денот на  објавување во „Службен гласник на Општина Велес” поточно вчера, на 10 април, 2024 година.

Еден од аргументите на членовите на Советот се и дека реално нема ученици кои го исполнуваат условот за запишување во училиштето во паралелките на албански наставен јазик.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.