(Видео) Неготински училишта немаат прецизирано процедури за спроведување на јавни набавки
Услугите што трите училишта ООМУ „Владимир Арсовски“, ООУ „Гоце Делчев“ и подрачно во Долни Дисан во Неготино ги набавуваат со средства собрани од родителите се скоро идентични. Станува збор за цените за индивидуално осигурување на учениците, еднодневна или дводневна екскурзија и фотографирање за групна слика и за полуматурско табло, покажа истражувањето на Центар за граѓански комуникации во кое што се вклучени екологистите на „Вила Зора“ од Велес.
Родителите за услугата лично осигурување на учениците плаќаат по 100 денари од ученик, за групна фотографија 70 денари по ученик, а за изработка на табло за полуматуранти по 730 денари. Разлика има во уплатите за еднодневна и дводневна екскурзија. За првата родителите плаќале од 600 до 800 денари додека дводневна екскурзија помеѓу 2800 денари и 3300 денари. Училиштата правилата за екскурзии ги спроведуваат според Правилникот од МОН за начинот на изведување на екскурзиите, излетите и другите вонучилишни активности. Училиштата имаат интерни акти, правилници со кои се утврдуваат надлежностите на Советот на родители, но во нив не се прецизирани процедурите за спроведување на набавките, рече Олгица Наумоска од ЕД „Вила Зора“ која учествуваше во ова истражување.
Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето „Отсуство на процедури, транспарентност и отчетност кај набавките коишто се финансираат со пари од родителите во училиштата“. Во истражувањето се констатира дека доцнењето на Министерството за образование и наука (МОН) да изготви подзаконски акти со кои ќе се регулира начинот на спроведување на набавките во воспитно-образовните институции, кои не подлежат на Законот за јавни набавки, им овозможува на училиштата да бидат нетранспарентни и неотчетни за начинот на трошење на парите од родителите.
„Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021 – 2025 година предвидуваше Министерството за образование и наука да ги изготви овие подзаконски акти (правилници) уште во првата половина од 2022 година, со цел да се намалат широките можности за корупција и злоупотреба на службената позиција. Истражувањето спроведено во 96 основни и средни училишта во 8 општини во земјава открива дека набавките за осигурување, за униформи за учениците, за фотографирање, за ужина итн. се спроведуваат во постапки за кои нема јасно дефинирани правила кои би овозможиле избор на најповолните понуди и најдобра вредност за потрошените пари. Јавни огласи се објавуваат само за екскурзиите, бидејќи МОН за нив има донесено процедури уште во 2014 година,“ пишува во истражувањето на ЦГК.
Исто така во истражувањето ЦГК констатира дека најголем дел од училиштата не можат да објаснат како е направен изборот на фирмите за чии услуги плаќаат родителите. Дури и кај оние училишта што ги доставиле одлуките за избор од страна на советите на родителите не може да се утврди како се прибрани разгледуваните понуди, односно кој одлучил од кои конкретни фирми да се бараат понуди за набавките.
Во Република Северна Македонија има 966 основни и 129 средни училишта, во кои учат околу 254 илјади ученици. Врз основа на добиените податоци, може да се процени дека годишната вредност на овие набавки изнесува најмалку 10 милиони евра. Ова е, секако, огромна сума пари, за коишто не постои системско решение за начинот на нивното трошење за потребите на учениците. Ова истражување е изготвено во рамките на проектот „Заштита од корупција“ со финансиска помош од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, имплементиран од Центарот за граѓански комуникации.
Убавка Јаневска