Утрово четири хеликоптери го гаснат пожарот на планината Серта во неготинскиот дел
Кон пожарот на планината Серта, во неготинскиот дел, кај село Калањево испратени се четири хеликоптери, од кои два наши армиски хеликоптери, еден полициски, на кои ќе им се придружи и еден црногорски хеликоптер, изјави утрово директорот на Центар за управување со кризи Стојанче Ангелов. Тој денеска имал брифинг со пилотите на хеликоптерите кои полетуваат за да ги изгаснат пожарите ширум земјава.
-Ќе се обидеме денеска да воспоставиме контрола врз големиот пожар, кој повеќе денови гори на планината Серта. На сите места каде ќе дејствуваат воздухопловите на земја имаме противпожарни единици на кои во овој момент им се приклучуваат 100 војници од Армијата, како и 30-тина припадници на полицијата. Во 8:30 часот на аеродромот Петровец ќе слета авионот од Романија „Херкулец“, кој носи т.н. водни бомби од повеќе од пет тона. Заедно со него ќе слета уште еден авион, кој му служи како логистика – рече Ангелов.
Исто така и на територија на општина Гевгелија, над село Негорци се испратени два словенечки хеликоптери, на територија на општина Ново Село, на планината Огражден, на самата бугарска граница каде е испратен еден голем турски хеликоптер, како и еден голем српски хеликоптер, кој носи пет тона вода.
Ангелов нагласи дека на територија на државава имаме уште неколку, како што рече, сериозни и опасни пожари кои најверојатно ќе бараат воздушна поддршка. Тоа се пожарите на територија на општините Чашка, Долнени, Студеничани, Зелениково, пожар има и под врвот на Солунска глава, како и пожарот до Радовиш, за кој изрази надеж дека денеска ќе биде ставен под контрола.
Од ЦУК информираат дека во последното деноноќие имало вкупно 36 пожари на отворено, од кои утрово активни се 18.
Стефани Манева