Проф. д-р Ќимова: Промените во образованието и потребата од доживотно учење
Образованието се наоѓа во период на значителни трансформации, што се должат на брзиот технолошки развој, енормната моќ на интернетот, новите вредности на генерацијата „зет“, променливите општествени потреби и новите научни сознанија за учењето. Овие промени влијаат на сите аспекти на образовниот процес, од методика до структурите на образовните институции.
Интеграцијата на технологијата во образованието е една од најзабележливите промени. Онлајн платформите за учење, дигиталните учебници и виртуелните училници овозможуваат поголема флексибилност и пристап до знаење. Меѓутоа, процесот бара и дигитална писменост кај наставниците и учениците, како и соодветна техничка инфраструктура.
Традиционалниот начин на предавање, базиран на предавање и меморирање, сè повеќе се заменува со активни методи на учење. Активната настава, учењето базирано на проекти, кооперативното учење и иновативните наставни техники го ставаат ученикот во центарот на образовниот процес. Овие методи се дизајнирани да развијат критичко размислување, решавање проблеми и тимска работа.
Денес индивидуализацијата не е само препорака или тенденција, туку промена што мора поинтензивно да се направи за да се постигне успех во воспитно-образовниот процес на секој ученик поединечно. Персонализираното учење овозможува секој ученик да напредува со сопствено темпо, користејќи методи и ресурси кои најмногу одговараат на неговите стилови на учење. Ова ги подобрува резултатите и создава поголема мотивација за учење.
Сè повеќе образовни институции почнуваат да ја препознаваат есенцијалната важност на развивањето на социјални и емоционални вештини. Паралелно со академските знаења, учениците учат како да работат во тим, да се справуваат со стрес, да комуницираат ефективно, да се мотивираат. Оваа промена ги одразува современите барања за целосен развој на личноста, а не само за академски успеси.
Видливи се и промени во улогата на наставниците. Наставниците повеќе не се само извор на знаење, туку нивната улога сега подразбира водство, мотивирање и поддршка за учениците во процесот на откривање и примена на нови информации. Ова бара наставниците да бидат флексибилни, креативни и подготвени за доживотно учење и прилагодување.
Инклузивноста, еднаквоста на сите, како и богатството на различностите се значајни рефлексии на современото образование. Современите образовни системи настојуваат да создадат инклузивна средина во која сите ученици, без разлика на нивната различност, на нивната социоекономска позадина, способности или интереси, имаат пристап до квалитетно образование.
Иако во нашиот образовен систем се направени промени, постои продолжена потреба за дополнителни напори за негово осовременување. Овие напори не само што вклучуваат трансформации и иновации во формалниот образовен систем, туку исто така бараат и дополнителна поддршка од паралелни неформални едукативни центри. Во моментот, функционираат различни едукативни и психолошки центри, но нивниот број е ограничен во однос на реалните потреби на партиципиентите во образовните институции.
Во оваа насока, основана е Асоцијација IN, како здружение за едукации и консултации од областа на психологија и педагогија. Целта на Асоцијацијата е да ги поддржи и надополни напорите на формалното образование преку неформални и информални едукативни програми, промовирајќи го концептот на доживотно учење. Асоцијацијата обединува експерти од област на психологија и педагогија, како и други сродни области, кои работат на развој на едукативни и консултативни програми насочени кон личен и професионален развој на поединци од сите возрасти. Ваквиот модел на неформално образование создава платформа каде учесниците активно учествуваат во својот професионален и личен развој, станувајќи приврзаници на доживотно учење. Ова не само што им помага на поединците да развијат повисок степен на свест и компетенции, туку и придонесува кон создавање на понапредно и инклузивно општество.
Пишува: проф.д-р Ѓорѓина Ќимова
Доктор од област на педагошки науки
и професор на Славјански Универзитет
Свети Николе