Д-р Гаврилова: Сите пројавуваме нарцисоидни тенденции во раната фаза на нашиот живот, но никој не знае со сигурност како некој станува нарцис
На сите нас во секојдневната комуникација со луѓето ни се случува да наидеме на лица со нарцисоидно однесување. На оваа тема разговаравме со психологот и експерт за оваа проблематика д-р Вангелица Гаврилова која е доктор на психолошки науки, а зад себе има богато, долгогодишно работно искуство.
Кажете ни што конкретно претставува нарцисоидноста?
Поимот нарцисоидност се повеќе станува предмет на интересирање и истражување не само на психолозите и психијатрите, туку и на истражувачи од областа на антропологијата, политикологијата, филозофијата, социологијата и менаџментот. Нарцисоидноста не е специфичност само на денешницата, туку е факт на човековото постоење. Мал процент на нарцис постои во секој од нас. Во ред е да се сакаме себе си и да се грижиме за себе, но прашање е во колкава мера и како го правиме тоа. Нарцизмот најчесто се однесува на преокупираноста со себе, а со тоа се опишуваат оние кои често ја изговараат заменката ЈАС. Се работи за состојба на самозаљубеност во која целата љубов е насочена кон сопственото ЕГО, каде што е специфично преувеличување на сликата за себе, а потценување на другите. Современиот нарцис е опседнат со својот изглед, со своето здравје, чувствува огромен страв од смрт, стареење, болести. Покрај ароганцијата, желбата за доминантност и внимание, постојаното предиспонирање на нивните способности, нарцисите имаат страв од посрамотување и критики упатени на нивна адреса, па искажувајќи ја нивната грандиозност и совршеност ги прикриваат своите стравови и кревкото чувство на самодоверба.
Какво е однесувањето во средината со која се опкружени и кои се карактеристиките на патолошкиот нарцизам?
Кај нарцисоидните личности евидентно е егоцентричното однесување како резултат на јазот помеѓу “идеалот себе“ и “вистинското себе“. Тие имаат тешкотии во одржувањето на здрави меѓучовечки односи кое е резултат на развој на комплекс на супериорност. Многумина од нив постојано говорат за своите родители, партнер/ка, децата, особено ако се успешни (според нивни карактеристики), а со тоа предизвикуваат замор кај соговорниците. Најчесто во нивната конверзација нема емпатија, ги истакнуваат сопствените успеси, познанства со влијателни луѓе, при што со тоа го компензираат личното чувство на безвредност. Нарцосоидното однесување не ретко манифестираат личности кај кои е забележителна психопатска структура. Сеуште не може да се тврди, зошто научно не е докажано, дали патолошкиот нарцизам е резултат на генетско програмирање или произлегува од дисфункционално семејство и неправилно воспитување за време на детството. Соред психоаналитичката перцепција, сите пројавуваме нарцисоидни тенденции во раната фаза на нашиот живот, но никој не знае со сигурност како некој станува нарцис. Многу родители често попуштајќи и овозможувајќи им на своите деца се што ќе посакаат, придонесуваат тие да попримат нарцисоидни тенденции, а понатаму можна е веројатноста да станат и нарциси. Терминот нарцизам има голема важност во психоанализата како облик на една “нарцисоидна невроза“ при што личноста се одвојува од надворешниот свет и целокупното либидо го насочува внатре кон себе.
Каква е корелацијата на нарцисоидноста со јавните личности меѓу кои и политичарите?
Не можеме секогаш да бараме и да генерализираме постоење на нарцисоидност на глобално ниво кај јавните личности, но факт е дека лица со нарцисоидни тенденции често пати се желни за слава и се спремни на многу нешта како би дошле до неа. При тоа се трудат да го искористат својот грандиозен селф со цел да остават впечаток и импресија кај оние кои за тоа одлучуваат. Понекогаш доаѓа до развивање на лажен психолошки имунитет, со мислење дека поради нивната супериорност и исклучителност можат да бидат над законите, па често се изненадени кога ќе се најдат во ситуација да сносат одговорност за одредени сторени дејанија. Ова е особено карактеристично во политиката, но едно е сигурно – вината проективно ја прфрлаат на други, бидејќи во нивните лични доживувања, тие се совршени.
Убавка Јаневска