Проф. д-р Ќимова: Различни аспекти на влијание на емоционалната интелигенција (трет дел)

Објавено на 1 ноември, 2024 во 10:57

Во заокружувањето на темата посветена на емоционалната интелигенција Проф.д-р Ќимова одговара на неколку прашања кои читателите на Дума.мк и ги поставија во изминатите десет дена по објавувањето на двете продолженија на нејзините авторски текстови.

Што ги прави посебни и успешни личностите со висока емоционална интелигенција?

-Во денешниот динамичен свет, каде флексибилноста, брзината и компетитивноста се на високо ниво, емоционалната интелигенција игра сè поголема улога во успехот и квалитетот на животот на поединците.Личностите со висока емоционална интелигенција се посебни и успешни затоа што умеат да ги разберат своите и емоциите на другите, остануваат смирени во стресни ситуации, знаат кога да кажат „не“ за да се заштитат, се активни слушатели, се поддршка за своите пријатели и колеги и постојано се отворени за развој. Тие се едноставни, лесно се прилагодуваат во различни средини и се ценети затоа што создаваат позитивна и пријатна атмосфера околу себе.

Што значи да се има висока емоционална интелигенција?

-Емоционалната интелигенција значи дека не само што ги разбирате своите емоции, туку умеете и да ги препознаете емоциите на другите. Личностите со висока емоционална интелигенција знаат како да ги користат овие вештини за градење силни односи и решавање на конфликти.

Како им помага емоционалната интелигенција на овие личности да се справуваат со стресот?

-Тие знаат да останат смирени и фокусирани кога се соочени со предизвици. Наместо да дозволат негативните емоции да ги обземаат, тие се фокусираат на решенија. Ова ги прави стабилни и продуктивни, дури и во тензични моменти.

Зошто е важно да се поставуваат лични граници?

-Личностите со висока емоционална интелигенција разбираат дека поставувањето граници е клучно за заштита на нивната енергија и време. Тие знаат да кажат ‘не’ на начин кој не предизвикува конфликти и им остава простор да се посветат на приоритетите што навистина им значат.

Како емпатијата игра улога во нивниот живот?

-Емпатијата е основа на емоционалната интелигенција. Тие умеат да ја почувствуваат радоста или болката на другите и се личности на кои пријателите и колегите често им се обраќаат за поддршка. Ова не само што ги прави омилени, туку и успешни во пријателските врски и во тимска работа.

Како овие личности се справуваат со несогласувања?

-Тие не реагираат импулсивно. Наместо тоа, го разгледуваат проблемот од сите агли и преферираат дијалог наместо конфронтација. Ова ги прави лидери кои умеат да создадат продуктивна и хармонична средина, како приватна така и работна.

Што значи емоционална отпорност и како таа им помага?

-Емоционалната отпорност значи брзо закрепнување од неуспеси. Овие личности не дозволуваат разочарувањата да ги поколебаат. Секој предизвик го гледаат како можност за учење и раст.

Зошто скромноста и приземјеноста се клучни одлики на личностите со висока емоционална интелигенција?

-Да, скромноста и приземјеноста се клучни одлики на личностите со висока емоционална интелигенција затоа што тие не тежнеат кон слава или постојана потврда. Наместо тоа, се водат од внатрешна самопочит и често ги истакнуваат заслугите на тимот. Оваа скромност им овозможува да останат едноставни, приземјени и посебно пријатни, иако постигнуваат многу.

Дали емоционалната интелигенција може да се развива?

-Секако, емоционалната интелигенција е динамична и секогаш постои простор за развој. Емоционално интелигентните личности се радуваат да учат нови работи, било преку искуства, книги интеракции со други, обуки. Оваа желба за учење ги прави секогаш современи и подготвени за нови предизвици.

Како може да се развиваат овие вештини?

-Со читање, интеракција и истражување, а доколку се сака подлабоко да се подобри, да се разбере и примени, за почеток приклучете се на нашиот он лајн вебинар на 05.11. во 18 часот  „Моќта на емоционалната интелигенција“ и откријте ги придобивките од поседувањето висока емоционална интелигенција!

проф.д-р Ѓорѓина Ќимова

Професор на Меѓународен Славјански Универзитет ,,Свети Николе,,

Свети Николе , Република Северна Македонија

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.