Дводневна работна акција на ЗГ „Акцијаш – ветерани“ во Горно Врановци, Голозинци и Чашка, со најмлад 11 годишен а највозрасен 86 годишен ветеран (видео и фото)
Комплетно ги исчисија од трева, лисја, коров и отпад улиците и сокаците како и дворните места на петте спомен куќи во Меморијалниот комплекс во Горно Врановци, составен од куќите на Президиудмот на НОВ, на ЦК на КПМ, на Главен штаб на НОБ, на раководството на ОЗНА и печатница „Гоце Делчев“ каде е отпечатен првиот број на весникот „Нова Македонија“.
Бригадирите на Работна бригада „Кочо Рацин“, заедно со акцијаши ветерани од уште шест македонски градови, денеска, изведоа и втора доброволна акција, во дворот на Извиднички центар во Голозинци. И таму комплетно уредуваа и чистеа лисје, коров, кастреа дрвја и ограда. Група од нив чистеше и над брана на акумулација „Лисиче“ како и на патот кон село Горно Врановци.
Вчера попладне, додека се собираа за да заминат од Велес кон Голозинци и ги пречекуваа акцијашите ветерани од останатите градови во Македонија, претседателот на ЗГ„Акцијаш Ветерани“ Горан Петков соопшти дел од трасите на кои ветераните доброволно работат, денеска и утре.
Пред поаѓање кон Извиднички центар „Голозинци“, во просторијата на ова акцијашко здружение веќе беа собрани поголем број од домаќините и гостите. Дума.мк додека ги чекаа да пристигнат акцијашите ветерани од останатите македонски градови разговараше со најмладиот, со најстариот акцијаш – ветеран како и највозрасниот поддржувач и учесник на дводневната работна акција.
Во денешните доброволни работни акции работеа сите. Од најмлад до највозрасен.
Утре 33 акцијаши и ветерани ќе го чистат од смет регионалниот пат од село Голозинци до населба Чашка.
Убавка Јаневска