Забрана за сообраќај на товарни возила на патот Маврово – Дебар поради обилни врнежи од снег
Од АМСМ соопштија дека поради обилни врнежи од снег, од 12:10 часот има забрана за сообраќај на товарни моторни возила на патот Маврово – Дебар.
„Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на Попова Шапка и во Маврово, но во моментот не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози,“ велат од АСМ.
Појава на магла од 30 до 40 метри има на патниот правец Тетово – Попова Шапка, од 50 до 60 метри на планинскиот превој Плетвар, од 50 до 100 метри на планинскиот превој Ѓавато и до 100 метри на планинскиот превој Пресека.
Од УХМР известуваат за студен бран и пообилни врнежи од дожд и снег. Велат во деновите од викендот времето ќе биде претежно облачно со повремени врнежи, кои во западните и јужните делови ќе бидат поројни и обилни (над 60 l/m2).
„На планините врнежите ќе бидат од снег од 40 до 50 см, на повисоките места од 10 до 30 см, а во некои пониски места од дожд и снег и ќе се формира помала снежна покривка. Во југоисточните делови ќе бидат само од дожд. Ќе дува умерен, а на планините силен северен ветер. Потоа до средината на следната седмица времето ќе биде стабилно со магла по одделни котлини,“ додаваат од УХМР.
Дума.мк