Кавадарци беше домаќин на отворен ден на Армијата и презентација на вежбата „Брз одговор 2025“

Во Кавадарци се одржа отворен ден на Армијата на Република Северна Македонија, во рамки на кој беше презентирана и меѓународната воена вежба „Брз одговор 2025“, дел од најголемата НАТО-вежба оваа година на европско тло – „Defender 25“.
Настанот се реализираше на градскиот плоштад, каде беа изложени оклопни и борбени возила, вооружување и заштитна опрема. Граѓаните имаа можност одблиску да се запознаат со дел од техниката и способностите на Армијата, како и со нејзините припадници.
Во вежбата, што се спроведува на армискиот полигон „Криволак“, учествуваат над 2.200 воени лица од Северна Македонија, САД, Албанија, Грција, Италија, Црна Гора, Обединетото Кралство, Австрија и Косово.
Целта на вежбата е унапредување на интероперабилноста меѓу сојузниците и партнерите, зголемување на нивната заедничка подготвеност и демонстрација на одвраќачки капацитети кон потенцијални закани.
Настанот беше оценет како пример за успешна меѓународна соработка што придонесува за долгорочен регионален просперитет и стабилност.
Стефани Манева
