„Велешки акцијаши“ со подмладокот насадија садници со јасен на патот кон црква „Света Недела“ кај Велес
Педесет садници со јасен се засадени претпладнево покрај бетонската патека на патот од поранешен ресторан „Охохо“ до црква „Света Недела“, на јужен излез од Велес. Со неколку часовна доброволна работа ги засадија осум ветерани и 15 млади членови на ЗГ„Велешки акцијаши“. Денешниот подмладок на граѓанското здружение беа учениците на ООУ„Васил Главинов“.
-Сенки недостасуваа покрај патеката до овој верски храм и затоа како граѓанско здружение одлучивме денешната акција за пошумување да ја изведеме токму на оваа работна траса. Подмладокот ги насади 50 садници со јасен додека ветераните ги ископаа дупките за засадување на дрвцата. Работевме тимски и додека ги полеавме со првите количини на вода. Сега на ветераните останува да ги надгледуваат и доколку има потреба од наводнување да ги полеваат, рече Делчо Костов претседател на ЗГ„Велешки акцијаши“.
Од ова граѓанско здружение на акцијаши ветерани најавија дека наскоро подготвуваат поголема и помасовна акција за пошумување.
Стефани Манева