Жители на „Белградска“ по три месечна поправка се жалат на неможност да си влезат дома, од општината велат на улицата излегле итни и дополнителни градежни работи (видео и фото)
Граѓани на Велес, жители на улица „Белградска“ се жалат дека три месеци неможат да стигнат до дома и да излезат од домовите затоашто толку време нивната улица е во изградба. Особено ситуацијата била неподнослива откако заврна дожд и се создаде кал а на одредени места, поради ископини и натрупани купови со земја, до големи вирови со вода. Таму овие велешани морале да ги користат дворовите на соседите за премини за да продолжат да се движат. Тие бараат Општина Велес што поскоро да ја заврши реконструкцијата на улицата и да ја постеле со асфалт како што објавила. Бидејќи граѓаните, со директни интервенирања, не успеале побараа помош од новинарите.
Дума.мк ја прашаше Општина Велес која е причината што реконструкцијата на улица „Белградска“ сеуште трае ако локалната власт објави, на интернет страницата, на 20 август, годинава, дека „ Една од поголемите и најфрекфентни улици во Велес е подготвена за реконструкција. Во наредниот период ќе отпочнат градежни зафати на дел од улицата “Белградска” (од спој со ул.”Киро Ќучук” до спој со ул.”Димитрија Чуповски”) каде ќе се отстрани стариот и оштетен асфалт и ќе бидат послани два нови асфалтни слоеви“.
Општина Велес одговори дека градежните работи на улицата биле прекинати поради тоа што во зафатот утврдиле дека водоводната цевка со пресек Ф225 мм, била незаменета, поточно стара и азбестцементна, како и дека морала да се замени.
„Оваа цевка е транзитна линија со која се поврзуваат резервоари за водоснабдување во тој реон на Велес.ЈКП Дервен во соработка со Општина Велес одлучи да изврши реконструкција на споменатата водоводна цевка од причина што сега е моментот на темелна реконструкција на улицата и е погоден момент за нејзина замена. Исто така постои веројатност поради старост на материјалот на цевката во фаза на изведување на градежните работи за улицата при користење на механизација од поголем обем, истата да биде оштетен, а исто така имајќи во предвид дека азбестцементот како материјал веќе не се препорачува за користење, од таа причина се одлучи да се изврши реконструкција,“ пишува во одговорот на општината.
По замената на цевката и изведените шахти по должина на цевководот се создале услови за продолжување со градежните работи на улицата но ги попречиле лошите временски услови, додаваат од општината.
„Поради моменталните временски услови – дожливи денови, тлото од улицата накиснува, со што не може да се продолжи со работа на улицата – докопување, валирање, тампонирање, а на крај се разбира и асфалтирање. Во меѓувреме се изведуваат и потпорни ѕидови на две локаци каде претходно немало со цел да се обезбеди стабилност на улицата. За да се продолжи со работа на коловозот потребно е да се стабилизира времето, да нема дожд.“
На жителите на овој дел од улица „Белградска“ сега не им преостанува ништо повеќе од надежта да се спасат од калта во подобрување на временските услови кои ќе им ги скратат неколкумесечните маки.
Убавка Јаневска