Велешанец се бори со институциите да докаже дека нему и на семејството чад од оџак им го прекршува правото на чист воздух и здрава животна средина (фото и видео)
Велешанецот Никола Петровски четврта година безуспешно се обидува да им докаже на институциите,локални и национални, дека од оџак на сосед излегува чад којшто го труе неговото дете и семејство. Петровски повеќе пати телефонски интервенирал и барал од Општина Велес инспекциски увид и се обратил до Државен инспекторат за заштита на животна средина. Овој велешанец тврди дека чадот што излегува од оџакот, којшто се наоѓа на висина на неговиот последен кат од куќата, е од согорување на уље.
-Чадот смрди и не се трпи. Цел дел од мојата куќа е блокиран токму од оваа појава. Ни врата од тераса ниту прозорец не смееме да отвориме. И не само на катовите во куќата каде живее моето дете, јас, сопругата и родителите туку и во дворот, во просторот што го користам како склад за моите дрва и искористени гуми на автомобили од професионалната работа. Сепак најзагрижен сум за здравјето на моето малолетно дете, рече Петровски.
За првпат минатиот месец во неговиот дом дошле тројца вработени во Општина Велес којшто се претставиле како инспектори. Го виделе оџакот на соседот и поразговарале со Петровски.
– На крајот ми соопштија дека немале ингиренции да влезат во домот на соседот и да видат на што тој се грее. Не ги познавам луѓето којшто дојдоа. Ми рекоа дека биле инспектори. Не ми се преставија туку ми рекоа дека биле инспектори. Напишав преставка и до Државниот инспекторат за заштита на животна средина од каде по извршен инспекциски увид ми одговорија дека извршиле увид и костатирале дека овој чад е производ од затоплување на домот со палети. Јас во тоа не верувам затоа што вакво загадување со остатоци на керамидите на покривот неможе да е од палети, додаде Петровски.
Дума.мк ја прашаше Општина Велес што констатираа вработените при увидот на лице место по пријавата на велешанецот Никола Петровски со стан на ул: „Благој Ѓорев“ бр 156 во Велес и неговата поплака дека сосед гори несоодветен енергенс од чии чад не може да се диши и живее во овој дел од градот како и дали е превземена постапка од страна на општината, каква, од кого и кога, како решение против загадувачот и загадувањето?
Од Општина Велес одговорија :
„Службени лица од Одделението за заштита на животната средина заедно со Раководителот на Сектор за урбанизам, заштита на животната средина, комунални дејности, евроинтеграции и локален економски развој, на ден 17.01.2025 година, во 14 часот, по усна пријава, извршија посета во објект лоциран до објект на пријавителот на ул.Благој Ѓорев бр.154 во Велес. За време на посетата беше констатирано дека од оџакот се емитува чад и затоа се пристапи кон усно укажување на сопственикот на објектот кој врши автомеханичарска дејност. На тоа ни беше одговорено дека затоплувањето во целиот објект во работилницата и спратот над него, кој служи за домување, е на котел на пелети, дека котелот е нов, а пелетите кои ги користи како енергенс веќе еднаш биле заменети со други токму од истата причина, емитување на чад. На тоа општинските службите му укажаа дека тој е должен да контролира односно да го следи емитувањето од оџакот затоа што загадувањето на амбиентниот воздух во Велес е особено високо во зимниот период, а сето тоа лошо се одразува на здравјето на луѓето и на околината. Доколку во иднина продолжи да се емитува забележителен чад , Општина Велес ќе мора повторно да интервенира и/или да превземе дополнителни мерки,“ пишува во одговорот на Општина Велес.
Сличен е и одговорот на Државен инспекторат за заштита на животна средина.
Петровски е незадоволен од одговорите на двете институции коишто се задолжени да го следат и санкционираат загадувањето во градот и во државата. Тој сега мора да се изложи на личен и дополнителен трошок за вештачење за да продолжи во постапката на докажување на уставно загарантираното право на чист воздух и здрава животна средина во која што треба да живее со семејството.
Убавка Јаневска