Домашно куче нападнало две вработени на ЦСР Неготино додека биле во теренска посета на приватен дом во градот

Објавено: 12 ноември, 2026, во 16:09 часот

Кучето го нападнало социјалниот работник Павлинка Волкановска која била со нејзината колешка, психологот Зорица Ѓоргиева, во двор на дом на неготинецот З.Д. Двете се вознемирени од траумите што ги преживеале, цели 10 минути, кога вчера, кучето се оттргнало од ланецот во дворот по извршениот увид над старо лице кое имало потреба од користење на помагало. Не било почитувано нивното барање кое го испорачале ден претходно до сопствениците да им обезбедат услови за извршување на службената должност. Центарот за социјални работи Неготино знаел дека во семејството има нарушени односи и имал информација за искасана стара жена од кучето, пред една недела.

Волканоска за Дума.мк. ја опиша опасната ситуација во која се нашле таа и колешката Ѓоргиева.

 – Кога стигнавме во домот, кучето во дворот непрекинато лаеше. Едвај влеговме и ја завршивме службената задача додека лавежот не се смируваше. Внимателно излеговме од делот во кој што живее старата особа за која бевме присутни и со страв тргнавме кон портата. Во еден момент јас слушнав како колешката вика по мене „Павлинче пази“ и кога се завртев тоа веќе се откачило од ланецот и беше врз мене обидувајќи се да ме касне. Едвај успеав да се одбранам и себе и облеката што ја носев на која има видливи траги од нападот, Потоа кучето тргна кон колешката па пак се врати на мене. Десет минути не можевме да се извлечеме од ситуацијата на напади и лаење додека сопственичката гледаше од терасата без да му викне или да истрча да го фати. Дури кога таа се симна во дворот кучето се смири,  рече Волканоска.

Таа додаде дека освен трагите на облеката не претрпела физичка повреда.

 -Јас успеав да направам неколку фотографии. Настанот предизвика силна вознемиреност и отвори сериозно прашање за безбедноста на вработените во Центар за социјална работа Неготино кои вршат теренска работа. Пријавив во Полициска станица Неготино и сум изненадена од тоа што завршил како поплака од заврзано куче во двор. Сметам дека таквиот краток опис не го прикажува целосно она што се случи. Поради тоа барам настанот да биде соодветно документиран и да се разгледаат околностите врз основа на целосниот опис и сведочењето на присутната колешка, рече Волканоска.

Од Секор за внатрешни работи Велес одговорија на новинарското прашање на Дума.мк што се случило вчера со две вработени на Центар за социјални работи Неготино при вршење на службена задача во дом во нивниот град.

„На 11.11.2026 во ОВР Неготино, П.В.(41) од Неготино, пријавила дека додека со својата колешка извршувале работни обврски како претставници од Центар за социјални работи Неготино, во двор, куче-домашен миленик кое било врзано со ланец, сопственост на З.Д.(52) од Неготино, започнало да лае, а при излегување од домот им се нафрлило, но не им нанело повреди. Извршени биле службени разговори, изготвен бил службен материјал, а во врска со пријавеното во ОВР Неготино не е доставена лекарска документација. Полициски службеници од ОВР Неготино писмено го предупредиле З.Д. и известен бил јавен обвинител, според кој, наведениот настан нема елементи на кривично дело.“

Волкановска незадоволна од третманот на оваа институција вели дека се јавила во Итна помош во Неготино и го приложува медицинскиот наод од извештај во кој пишува анамнеза според која таа побарала здравствена помош по напад од куче, во повеќе наврати, вчера, 11 ноември,  за време на вршење на нејзината службена дејност како вработено лице во Центар за социјални работи.  Во документот се констатирани „ чувство на вознемиреност и страв“. Таа додава дека ќе ги искористи сите механизми на жалба како за себе така и за останатите колеги, теренци, кои треба да се максимално заштитени додека извршуваат слуѓбени задачи.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.