Мирсинов: Гром го предизвика синоќешниот пожар во фирмата „Аронија“ во Велес

Објавено: 5 август, 2025, во 09:57 часот
Фото: Архива на Дума.мк

Пожарот во производствениот погон на фирмата „Аронија“ со брендот BioCosmos е предизвикан како резултат на удар од гром. Нема повредени работници бидејќи во производството на здрава храна не се работи во смени. Пламенот го зафатил скоро целиот дел од фирмата „Аронија“ која е дел од комплексот на велешката фирма ДПТУ „Мирана“.

-Изгорени се производствениот погон, дел од машините, магацинот за суровини, магацинот за готови производи како и канцелариските и помошните простории. Привремено фирмата нема да работи. Сакам да нагласам дека фабриката „Мирана“ која се наоѓа во истиот комплекс, не е зафатена од пожарот и во неа ќе продолжи производството, рече за Дума.мк менаџерот Марио Мирсинов.

Според Мирсинов и покрај громобранот и громобранската инсталација, како што изјавиле работниците кои биле на работа во соседниот дел на комплексот и во производствениот погон на „Мирана“, громот удрил околу 19:30 часот. Тие пламенот во соседниот дел од комплексот го виделе два ипол часа подоцна.

-Во моментов не можеме да соопштиме првична проценка на штета, додаде Мирсинов.

Според информации на Цетар за управување со кризи пожарот во Тетиторијалната противпожарна единица Велес бил пријавен во 22:00 часот.

„Информациите добиени од СВР Велес и ТППЕ Велес, пожарот во фабриката за прехранбени производи ДПТУ „Мирана“ ДООЕЛ во Велес, кој бил пријавен во ТППЕ Велес во 22:00 часот, а во СВР Велес во 22:20 часот на 04 август  локализиран е во 04:00 часот на 05 август. Сѐ уште има слаби чадења на одредени места во фабриката, а за да се спречи повторно разгорување, пожарникарите и другите служби се сѐ уште присутни на терен. Според првичните сознанија на СВР Велес, гореле магацин (во кој имало пластична амбалажа, фрижидери и друго) и канцелариски простории (документација и други материјали),“ соопшти ЦУК.

Во гаснењето на пожарот учествувале 3 противпожарни возила од ТППЕ Велес со екипи од три смени,точниот број на пожарникари не е прецизиран од страна на дежурниот), како и 1 возило на ЈКП „Дервен“,  2 специјални пренаменети возила на ДЗС како и присутни биле 6 полициски службеници на СВР Велес.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.