Општина Велес прогласена за „Младински пријателски град“ во 2026 година
Објавено: 12 ноември, 2026, во 14:30 часот
Општина Велес доби националната награда „Младински пријателски град“ за 2026 година како единствената општина од Вардарски плански регион врз основа на национално истражување во кое бил оценуван напредокот на општините во исполнувањето на законските обврски, како и во унапредувањето на младинските политики и младинската работа.

Признанието доделено е на Четвртиот Национален форум за младинска работа, организиран од Коалиција СЕГА со поддршка на Министерство за труд, социјална политика, демографија и млади под мотото „Признавање и квалитет на младинската работа – Од законска обврска до локална реалност!“ кој што се одржа завчера и вчера во Охрид. Домаќин беше Младински центар Охрид.

Наградата на Општина Велес ја прими Даниел Јаневски, претседател на Совет на Општина Велес. Тој на Фејсбук напиша:
„Ова признание е потврда за посветеноста на создавањето подобри услови, можности и перспективи за младите, како и за нивното активно учество во животот на локалната заедница. Посебна благодарност до Локалниот младински совет на Велес, Младинскиот центар и службеникот за млади, за нивниот ангажман, соработка и придонес во градењето на младинските политики. Продолжуваме да создаваме град во кој младите имаат можности, глас и своја иднина!“
Убавка Јаневска


