Свечена седница и активности по повод 29 години од основањето на Општина Чашка
Објавено: 20 август, 2025, во 12:30 часот
Со свечена седница, културно-уметничка програма, доделување признанија и низа активности за сите генерации, Општина Чашка утре, 21 август, ќе одбележи 29 години од своето постоење. Централниот настан по повод Денот на општината ќе се одржи во 10:00 часот, во салата за манифестации на ООУ „Тодор Јанев“ во Чашка, каде ќе се одржи свечена седница на која ќе присуствуваат членовите на Советот на општина Чашка како и бројни гости.
Свеченоста ќе биде збогатена со пригодна културно-уметничка програма, а ќе бидат доделени и благодарници и признанија на заслужни граѓани, институции и организации кои дале значаен придонес за развојот на општината.
Програмата ќе започне уште од раните утрински часови. Во 09:30 часот, свечено ќе бидат примопредадени новите простории наменети за јаслена група „Бисерчиња“, која функционира во рамки на ЈОУДГ „Бамби“ во населбата Чашка. Половина час подоцна, во 10:00 часот, ќе започне и самата свечена седница во ООУ „Тодор Јанев“.
Од 11:00 часот, во дневниот центар за стари лица ќе се одржи шаховски натпревар, на кој љубителите на оваа интелектуална игра ќе можат да ги одмерат своите вештини.
Одбележувањето ќе продолжи и во петок, на 22 август со хуманитарна нота – од 09:00 до 13:00 часот, во просториите на ООУ „Тодор Јанев“ ќе се реализира крводарителска акција, со поддршка на Црвениот крст Велес.
Свечената програма ќе биде заокружена со спортски настан – турнир во мал фудбал кој ќе се одигра на Спортскиот терен „Извор“ со почеток од 19:00 часот.
Општина Чашка упатува јавна покана до сите свои сограѓани и пријатели да бидат дел од оваа прослава, заедно да ја одбележат речиси три децении од основањето на општината и да го прослават заедништвото, напредокот и локалниот дух што ја одликува Чашка низ годините.
Стефани Манева


