„За овој свет“- концерт во чест и помен на Тоше Проески се одржа во Велес

Објавено: 17 октомври, 2025, во 11:18 часот

Пет ученици на уметничкото студио „Супер Старс“ од Велес, вчера вечер, во хорски, дуетски и соло настапи одржаа концерт со наслов „За овој свет“ изведувајќи песни на големата македонска музичка ѕвезда. На концертот, во помен и по повод 18 годишнината од трагичното загинување на Проески, настапија учениците кои учат соло пеење во ова уметничко студио: Славица Андова, Тамара Димовска, Гордана Лазова, Драгана Трајкова и Ѓоре Анѓелов.

Според дипломираната оперска певица и специјализиран вокален педагог, Вероника Караколева, која е нивен професор, учениците преку изведбите на секој тон и стих ја пренесоа емоцијата и повторно го оживеаа музичкото творештво на Тоше притоа  потсетувајќи дека прерано загинатиот пејач продолжи да живее во голем број на срца токму преку секојдневното пеење на неговите песни.

-Поради големите пораки што ги содржи песната „За овој свет“ одлучивме концертот да го започнеме со неа, во хорска изведба, за потоа да следат соло интерпретациите на „Малечка“, „Месечина“, „Цреша“, „Полско цвеќе“, „Тајно моја“, па дуетската изведба на „1200 миљи“ и потоа бидејќи атмосверата не понесе ја исочитувавме желбата на публиката која се придружи и пееше, па продолживме со изведби на поголем број песни кои се големи хитови на Проески, додаде Караколева.

На концертот присуствуваше млада но и повозрасна публика која пеејќи и ракоплескајќи потврди дека Тоше Проески ќе остане вечен симбол на љубов, добрина и светлина. Според организаторот, Караколева, нејзините ученици како и посетителите на концертот, Проески беше човек „За овој свет“.

Убавка Јаневска

Фото галерија:

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.