Издумани Крлевизми: „Јавната тајна оди со: „За ова – никому!“
Објавено: 7 ноември, 2025, во 11:27 часот
Нови 15 издумани Крлевизми од велешкиот афористичар Атанас Крлевски. Прочитајте ги и уживајте во неговиот препознатлив хумор и остроумие.
-За љубов се потребни двајца. Значи ми недостасуваат уште две поубави половини.
-Јас го држам прстот на челото, а жена ми мисли. Секоја работа си ја делиме.
-Играм само машки ора. Кој би издржал цел живот да игра до жена му?
-Сѐ поскапе! Освен маглата.
-Интернетот е прозорец кон светот… на заклучена соба.
-Ако секој би бил каде што му е местото, многумина ќе останат за никаде!
-Калемен тендер? Еден го добива – двајца го делат!
-Ако си залутал, опасно е да стигнеш далеку.
-Јавната тајна оди со: „За ова – никому!“
-Внимателно со слаткоречивите. Да не ви згорчат.
-Гласот на разумот отпосле се слуша.
-И лошите имаат најдобар!
-Јас – најупотребуван збор без потреба.
-Откако ќе ги платам комуналиите, ми останува да си направам селфи.
-Се давам во плиткости!
Афористичар Атанас Крлевски
Дума.мк


