Филиповски: Игри за развој на вниманието и концентрацијата кај децата

Објавено: 17 ноември, 2025, во 10:03 часот

Вниманието и концентрацијата се основа на секојдневното учење, развој на самостојност и социјална интеракција кај децата. Тие не се само вештини кои им помагаат да научат читање и математика, туку ја обликуваат нивната способност да ги следат инструкции, да решаваат проблеми и да управуваат со сопствените емоции. За родителите, развојот на овие вештини може да изгледа како предизвик, особено кога станува збор за деца со попреченост, кои можеби имаат различен ритам на внимание или потреба од дополнителни поддршки. Игрите и креативните активности се најдобриот начин детето да учи, без да се чувствува како обврска или задача. Преку игра, детето учи да се фокусира, да ги следи инструкциите и да ги развива моторичките и когнитивните способности на начин што е природен и забавен.

Зошто игрите за внимание се важни?

Игровите активности не се само забавни, тие имаат голема улога во развојот на:

  • Фокус и концентрација Детето учи да обрнува внимание на деталите и да остане насочено на една задача.
  • Меморија и логика Игри како сложувалки и мемори карти ја поттикнуваат краткотрајната и долготрајната меморија.
  • Координација и моторика Физичките активности ја развиваат фината и крупната моторика, што е поврзано со когнитивните способности.
  • Емоционална контрола Преку повторување и трпение, детето учи да управува со фрустрацијата и да ја регулира емоционалната реакција.
  • Социјални вештиниИгрите со врсници или родители развиваат соработка, редослед на дејства и меѓусебна поддршка.

Примери на активности за развој на внимание и концентрација

1. Тактилни игри- Детето со затворени очи открива предмети со помош на допир. Може да се користат различни текстури, бои и форми. За деца со попреченост користете поголеми, полесни предмети и визуелни помагала за инструкции.

2. Меморија и сложувалки- Игра со мемори карти или едноставни слагалки со ограничен број парчиња.Активноста ја поттикнува визуелната меморија и логичкото размислување.За деца со потешкотии, користете светли бои, големи делови и ограничен број на парчиња.

3. Игри „Следи ја бојата или формата“- Родителот покажува редослед на картички или предмети, а детето го повторува.Развива внимание, меморија и способност за следење инструкции.Кратки серии од 3–4 предмети за почеток, постепено зголемување.

4. Музички и ритмички активности- Танцување, тапкање со раце или нозе во ритам на музика.Поттикнува слух, моторика и внимателно следење на инструкции.Избегнувајте силни звуци ако детето е чувствително, користете инструменти со пријатен звук.

5. Физички игри со топка- Фрлање и фаќање топка меѓу родител и дете, или со врсници.Развива координација, концентрација и социјални вештини. Користете поголема или полесна топка за деца со моторички потешкотии.

6. Игри за набљудување и идентификација- „Пронајди го предметот“ меѓу многу играчки според боја, форма или големина.Развива визуелна концентрација и способност за логичко размислување. Користете помал број предмети и визуелни помагала за инструкции.

Совети за родители

  1. 3–5 минути е доволно за почеток, постепено зголемувајте.
  2. Дадете позитивна повратна информација, пофалба за обидот, не само за резултатот.
  3. Кратки, дневни активности се подобри од една долга сесија.
  4. Игрите се подобри кога се играат со родители, браќа/сестри или врсници.
  5. Секое дете има свој ритам, не споредувајте го со другите.

Игровите активности за развој на вниманието и концентрацијата се витални за растот и развојот на детето. Тие не само што ја подобруваат когнитивната и моторичката способност, туку и самодовербата, социјалните вештини и самостојноста. Со малку трпение, креативност и прилагодување на потребите на секое дете, родителите можат да создадат забавни, едукативни и вредни моменти кои ќе ја поддржат целокупната развојна патека на нивното дете.

Дејан Филиповски

Специјален едукатор и рехабилитатор

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.