Зголемен број на предмети за семејно и насилство врз жени, во Основен суд Велес средба на надлежните институции
Објавено: 29 ноември, 2025, во 10:33 часот
Во граѓанскиот оддел на Основен суд Велес од почетокот на 2025 година до овој месец, примени се вкупно 52 предмети, од кои 6 само во месец ноември, за насилство врз жените и семејно насилство. Предметите ја актуелизираат состојбата и се сериозен предизвик за институциите кои работат на заштита на жртвите. Зголемениот број на предмети го поттикна Основен суд Велес да организира и реализира меѓуинституционална средба со претставници на Основно јавно обвинителство, Сектор за внатрешни работи Велес и Центар за социјални работи Велес. Присутните судии, обвинители, полициски службеници и социјални работници, договориле поефикасна соработка и поголема меѓусебна координација за заштита на жртвите.
„Сите присутни едногласно се согласни дека насилството врз жените и семејното насилство се клучен проблем и присутните институции даваат приоритет во постапувањето, затоа што претставуваат најгруб начин на повреда на човековите права и слободи како и облик на дискриминиација врз жените. Тие едногласно се согласни дека меѓуинституционалната соработка и разгледувањето на проблемите со кои се соочува секоја од надлежните институции со цел сите заедно сеопфатно и координирано да постапуваат и комуницираат, да ги усогласат активностите што ги преземаат како субјекти инволвирани во помошта и поддршката на жртвите и утврдување на одговорноста на сторителите,“ соопшти Основен суд Велес.
За надминување на проблемите кои се јавуваат во постапките пред Основниот суд било заклучено да продолжи координираната соработка на сите институции и да се вклучи ЈЗУ Општа болница Велес. Исто така строго да се почитува интегритетот, приватноста и достоинството на жртвите.
Убавка Јаневска


