Коки: „Денес сите посакуваат промени, само не во својот комфор“
Објавено: 22 декември, 2025, во 10:07 часот
Нови афоризми од велешкиот афористичар Никола Бошков Коки за читателската публика на Дума.мк инспирирани од политиката, љубовта и апсурдите на секојдневието.
-Денес сите посакуваат промени, само не во својот комфор.
-Политиката е уметност да умееш да кажеш лага, ама таа да звучи…ПАТРИОТСКИ.
-Кога народот молчи, политиката зборува уште погласно.
-Политичарите предизборно ни ветија подобар живот, но испорачаа само половина: живот имаме, каков- таков, ама…НЕ И ПОДОБАР.
-Животот е краток, а обврските имаат долги продолженија.
-Мирот не е таму каде што нема бура, туку каде срцето опстојува и молчи сред неа.
-Љубовта создава брак, а карактерот одлучува колку тој ќе трае.
-Љубовта не прашува кога ќе дојде, ама секогаш се слуша кога ќе си замине.
-Среќен брак е оној, кога двајцата се расправаат против создадениот проблем, а не еден против друг.
-Во добриот брак никој не победува, двајцата попуштаат.
Афористичар Никола Бошков Коки
Дума.мк
