„Фудбалски дресови на успешни деца во светот од Тиквешијата и пошироко“, изложба во кавадаречки Дом на култура
Објавено: 10 јануари, 2026, во 10:56 часот
Настанот е посветен на Андреј Лазаров, фудбалер, кој трагично загина во несреќата во Кочани и остави длабок белег во поновата спортска историја на градот Кавадарци. На изложбата ќе бидат изложени 50 автентични спортски дресови кои што се дел од колекцијата на Николчо Делов, посветена на спортските успеси, пријателствата и човечките приказни што произлегуваат од Тиквешијата и пошироко и го освојуваат светот.
„Тоа се спортски дресови од фудбал, ракомет, кошарка, одбојка и пингпонг кои ја надминуваат својата улога на спортска опрема и се носител на приказна за личен и колективен успех, симбол на упорност, талент и дисциплина, успех и припадност кон заедницата од која потекнуваат,“ соопшти Марјан Тодоровски од Дом на културата „Иван Мазов – Климе“ Кавадарци.
Изложбата ќе биде отворена во понеделник, на 12 јануари 2026 година, во 18 часот, во Галеријата при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци.
Убавка Јаневска


