Формирање на секундарен циклон над Јонско море и Јужен Jадран ни носи снег
Објавено: 30 јануари, 2026, во 09:01 часот
„Под влијание на нов циклонски систем кој секундарно ќе се формира над Јонско море и Јужен Јадран до понеделник 2 февруари, во Македонија ќе имаме многу променливо и поладно време со пад на температурите на воздухот и тоа поради продор на значително поладен воздух од север со повремено засилување на ветер, од северен правец. Ќе имаме и повремени локални врнежи од дожд на ниските места (градовите) и врнежи од снег на повисоките населени места и на планините над 1000 метри надморска височина.
Во недела, попладне и навечер, како и во понеделник, врнежите од дожд ќе преминат во врнежи од снег и во повеќето пониски места (градови) каде ќе има услови за формирање на мала снежна покривка а на планинските места и на скијачките центри снежната покривка ќе се зголеми и ќе се прошири.
И во Скопје и околината ќе има повремен дожд а на околните планини повремено ќе врне снег. Во недела, попладне и навечер, како и во понеделник во делови од Скопската котлина ќе има услови за послаби врнежи од снег.
Температурите на воздухот ќе бидат во позначително опаѓање, особено во недела и во понеделник, кога ќе се искачуваат во интервалот од -2 до 7 степени а во Скопје и околината температурата ќе се искачи до околу 4 степени. Наутро, температурите во почетокот на следната седмица на повеќе места ќе бидат негативни односно под нулата и ќе има појава на мраз,“ соопшти метео прогнозерот Славчо Поповски.
Дума.мк


