„Џоломарите“ од Ресава парите собрани за Василица ќе ги вложат во старото училиште за развој на етно туризам
Објавено: 30 јануари, 2026, во 16:00 часот
Парите коишто ги собраа на Василица, Џоломарите од кавадаречкото село Ресава, одлучиле да ги вложат во реконструкција на старата училишна зграда прво, во отворање на Етно соба а потоа и во апартмани, за престој на туристите. Селото Ресава се наоѓа близу Тиквешко Езеро.
Оваа група на интересни карневалски маски, која танцува специфични танци и изведува ритуали за бркање на лоши духови, е составена од луѓе кои потекнуваат или живеар во ова кавадаречко село. Затоа сакаат да ги промовираат природата, Тиквешко езеро, производите на вина и ракии од Тиквешкото виногорје како и историјата и традицијата.
Џоломарите не се атракција само на кавадаречкиот, струмички, прилепски и вевчански карневали туку имаат освоено награди и на фестивали и карневали во странство. Тие играат и создаваат врева затоа што на себе имаат клопотарци а носат и стапови.
Сепак, како што изјавија за МИА, џоломарството е исконска традиција на овие простори и тие ја одржуваат секоја Василица кога се наградувани со пари од страна на граѓаните во Тиквешкиот регион.
Убавка Јаневска


