Дума.мк во Баошиќи-Црна Гора: „Фешта од музика, риба, вино и леб зачинети со мимози, љубов и гостопримство“ (видео и фото)
Објавено: 14 февруари, 2026, во 23:05 часот
Облаци истурија крбли со дожд над Баошичи, кај Херцег Нови, додека стотици љубезни домаќини, денеска, пречекуваа стотици гости на „фешта“ на мимози, риба, вино и незаборавна забава. Забавата беше дел од вториот ден на 57 Фестивал на мимози, риба и вино.
Додека на бината на централен плоштад во Баошичи познати уметници ги изведуваа уште по познатите композиции кои се обележје на овој дел од херцеговската ривиера со кои се слави празникот на цвеќето и љубовта, вредни жени од граѓанска организација „Фешта“ пржеа риба а млади момчиња точеа црвено вино за секој гостин. Тие делеа леб, риба и вино без да им бидат побарани пари. Гости пристигнаа од целиот Бока которски залив на Црногорско приморје како и од соседството поточно од Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија а голем број и од Македонија.



Секоја година, членови на невладината организација „Фешта“, здружение на вредни жени од Баошиќи, ги пречекуваат гостите не само со риба, туку и со прженица, скара и вино. Рибата се пржи на 15 огнови, раскажуваа вредните жени додека вешто пржеа риба.


Тоа е причина, од година во година, за се поголем број на посетители на Фестивалот на мимози кои имаат можност да добијат бесплатно или да си купат букети од мимози и десетици други разновидни цветови како и локални производи изработени од вредните домаќини.



Река од луѓе денеска се слеваше низ улиците на Баошиќи, јадеше, пиеше,се забавуваше и танцуваше. Сите локални кафетерии беа преполни со гости за кои беа отворени и локалните шанкови на не така малиот број на места на плажи. И пак остана впечатокот дека и да имаше уште толку угостителски објекти кои подготвиле и вкусна скара Баошиќи ќе беше претесен. Дури и кога дождот буквално се истураше од небото а не им сметаше на посетителите да играат кола, ора и да танцуваат на песок и на асвалт, на отворено или во кафетерии.
Според локалните новинари денеска на фестивалот во Баошиќи присуствуваа и голем број гости, претставници на дипломатскиот кор, на Владата на Црна Гора, како и на пријателски и од збратимени градови.




И тие кои што прв пат дојдоа како и гостите кои редовно му се враќаат на Баошиќи за време на фестивалот со себе повторно понесоа впечатоци кои никогаш не се забораваат затоа што љубезните домаќини, Туристичката организација и општина Херцег Нови, своето гостопримство по 57 пат го искажаа на безброј начини.
Од Баошиќи крај Херцег Нови,
Репортерска екипа на Дума.мк


