ИН МЕМОРИАМ: НИКОЛА БОШКОВ КОКИ (1940 – 2026)
Објавено: 21 март, 2026, во 17:55 часот
Во 85 година од животот, денеска, во 9:00 часот, во Велес, почина Никола Бошков – Коки долгогодишен медицински работник, анестетичар во Општа болница Велес и дипломец на студиската група по Македонски јазик и историјата на јужнословенска книжевност на Виша Педагошка Школа, во Скопје.
Бошков целиот свој работен век го помина како анестетичар на ОАРИЛ, во Општата болница во Велес, од каде што замина и во пензија.
Тој како автор на поезија се истакна уште во училишните денови, но својата вистинска љубов ја пронајде во пишувањето афоризми, кои потоа ги објавувал во локалниот весник „ВАРДАРСКИ ГЛАС“, велешката ТВ „КАНАЛ-21, но како спортски новинар, и во дневниот спортски весник „СКОК“, во кој од неговиот почеток до згаснувањето објави над 1000 афоризми, кои претежно третираа спортски теми додека во последните четири години беше редовен афористичар со свој отстапен понеделничен термин и „Афористички поглед“ на Регионалниот веб портал Дума.мк каде одјави вкупно 1544 афоризми.
Никола Бошков Коки во пензионерските денови издаде и промовираше четрири афористички и сатирични книги: „ЗБИРКА АФОРИЗМИ“, „СПОРТСКИ АФОРИЗМИ“, „АФОРИЗМИ-МИСЛИ И РАЗМИСЛУВАЊА“ и „АФОРИЗМИ-МИСЛИ ШТО БОЦКААТ“.
Со својата скромност, духовитост и посветеност кон пишаниот збор, Никола Бошков Коки, остави траен белег на македонската афористичка сцена. Неговото творештво претставува сведоштво за силата на мислата, убавината на едноставноста и мудроста на искуството. Секоја негова реченица беше мала животна лекција, искрена порака и потсетник дека вистинската вредност на човекот се крие во неговите дела и во зборовите што оставаат трага. Коки претставува светол пример за тоа како љубовта кон јазикот, луѓето и животот може да се преточи во уметност што трае. Неговите афоризми не се само мисли — тие се огледало на времето, на духот и на човековата природа. Преку нив, Коки комуницираше со своите читатели и полн со љубов кон светот што го опишува.
„Збогум Коки, насмеан и ведар човеку како и искрен пријателе! Искрено сочувство до твојата Ленче и семејството од редакцијата на Дума.мк.“
Посмртните останки на Никола Бошков Коки ќе бидат изложени во црква „Свети Спас“ утре, 22 март 2026 година во 13:00 часот додека погребот ќе се одржи во 13:30 часот.
Дума.мк
