Атила Клинче годинешен добитник на Актерската награда за животно дело „Петре Прличко“ за 2026 година
Објавено: 26 март, 2026, во 12:46 часот
Актерот на Театар на народностите – Турска драма, Атила Клинче, добитник е на наградата која го носи името на доајенот на македонското глумиште Петре Прличко одлучи Жири комисијата во состав Слободанка Чичевска (минатогодишен добитник) и претседател со членовите, актерите Васил Зафирчев и Благојчо Стојанов. Одлуката е донесена едногласно а во неа жири комисијата образложува дека добитникот е еден од најистакнатите македонски актери чија кариера е одбележана со бројни значајни улоги од светската класика и домашната драматургија.
-Опусот на Атила Клинче вклучува значајни и комплексни ликови како „Хамлет“ , „Едип“,„Мемет“, „Магбет“, „Фентон“, „Креонт“ и многу други кои ги изведува со извонредна длабочина и мајсторство за коишто е наградуван уште во далечната 1982 година како наградата за Млад актер на македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ за улогата на Мемет. За истата улога е прогласен за најдобар млад актер и од страна на весникот Млад Борец. Во 2003 година од страна на турските медиуми е прогласен за Актер на годината, во 2005 –та за главната улога Таткото во претставата „Куќа на граница“ на фестивалот „Војдан Чернодрински“ ја добива наградата за најдобро актерско остварување,во 2016 година е добитник на државната награда „11 Октомври“, рече Слободанка Чичевска

Таа додаде дека добитникот на годинешната награда за животно дело „Петре Прличко“ остварил бројни филмски и телевизиски улоги во “тетовирање“ на Столе Попов, „Бог да ги убие шпиуните“ во режија на Ацо Алексов, во „Пред дождот“ и „Прашина“ на Милчо Манчевски, „Пусто турко“ во режија на Коле Ангеловскикако и во сериите „Наше маало“, мега турската серија „Румелија“, „Балканска свадба“, „Последно лето“ и македонската хит серија „Преспав“.
-Во неговото директорување со Турски театар оваа културна институција е добитник на 43 награди и плакети како и три општествени награди „13 Ноември“, државната „11 Октомври“ и „ Орден за заслуги на Македонија“, додаде Чичевска.

На годинешниот конкур за Наградата за животно дело „Петре Прличко“ пристигнати биле само две апликации. За вака слабиот интерес од страна на театрите и актерите во Македонија, според Васил Зафирчев, можат да постојат две причини.
-Индиферентноста на културните институции или неопходно потребните измени во Правилникот за доделување на наградата.Одредницата „средна категорија“ можеби треба да се промени со „највозрасната категорија“ бидејќи ова е награда која се доделува за континуирани остварување во еден подолг временски период, додаде Зафирчев. Тој го повика организаторот, Општина Велес, да размисли за неговите прелози и пристапи кон поголемо мотивирање на кандидатите.
На прес конференцијата за соопштување на добитникот на оваа престижна театарска награда, заменик Градоначалничката Елизабета Митреска Ангелеска која го потенцираше значењето на востановениот Театарски фестивал „5РЕ“ како и на интересот на многубројната публика која во изминатите пет години бара влезница повеќе за сите театарски претстави кои се дел од фестивалската програма.
Актерска награда за животно дело „Петре Прличко“ на годинешниот Лауреат, Атила Клинче ќе му биде врачена утре вечер, на свеченото отворање на петтиот Театарски фестивал „5РЕ“ на Голема сцена на НТ „Јордан Хаци Константинов Џинот“. Клинче ќе добие плакета со ликот на Петре Прличко и паричен износ во висина од 30.000 денари.
Убавка Јаневска



