Лауреатот Клинче: Среќен сум што ја добив наградата „Петре Прличков“, актер кој остави голем белег во македонската театарска култура“ – отворен V Театарски фестивал „5РЕ“
Објавено: 28 март, 2026, во 10:37 часот
Среќен сум што ја добив наградата за животно дело „Петре Прличков“, актерот кој остави голем белег во македонската театарска култура. Сите актери сакаат да остават дела зад себе но Прличко остави голем белег и на белото платно и на даските што живот значат. Со овие зборови се заблагодари за добивањето на престижната Награда за животно дело, годинешниот добитник, пензионираниот актер Атила Клинче на Турски театар на свеченото отворање на V Театарски фестивал „5РЕ“ што вчера вечер се одржа на големата сцена на НТ „Јордан Х.К Џинот“ во Велес. Наградата која се состои од плакета и паричен дел во износ од 30.000 денари на Клинче му ја врачи градоначалникот на општина Велес, Марко Колев.
Со врачувањето на фестивалската награда за животно дело „Петре Прличков“ започна V Театарски фестивал посветен на доајенот на македонското глумиште во неговиот роден град на 27 Март – Светски ден на театарот.



Фестивалот го отвори премиерата на театарската претстава „Тестостерон“ во режија на Синиша Евтимов и продукција на велешки Театар. Урнебесната комедија работена на текст на полскиот автор Андреј Сарамоновиќ е посветена на машки муабети кои на сцената на театарот публиката ги слуша од актерите Јордан Витанов, Васил Зафирчев, Жарко Спасовски, Фаик Мефаиловски, Филип Христовски, Благојчо Стојанов и Стефан Николовски.

Поради големиот интерес на публиката претставата „Тестостерон“ вечерва ќе биде прикажана репризно. На синоќешната премиера беше одбележан јубилејот – 50 години актерско творештво на Јордан Витанов.
Фестивалот, исто како и минатата година, ќе ги додели наградите за најдобра претстава, за режија, за машка и за женска улога, за споредна машка и за женска улога како и награда oд публиката. Секако ќе се додели и наградата за „Животно дело“. Годинешни членови на фестивалската Жири комисија се Зорица Панќиќ, минатогодишната добитничка на наградата, Владимир Пулиев – актер и Елеонора Теова –режисерка.
Убавка Јаневска



